Прашања од областа на пензиското и инвалидското осигурување

1.Каде се поднесува барање за остварување право на старосна пензија?

Барање за остварување право на старосна пензија се поднесува во филијалите и деловниците на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, според местото на последното осигурување.

2.Кои услови треба да ги исполнува осигуреникот за да оствари право на старосна пензија?

Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

3.Како се утврдува старосната пензија?

Старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (во натамошниот текст: пензиска основа). За определување на пензиска основа, покрај месечниот просек на плати се зема и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност.

Како година на осигурување од која се зема платата за утврдување на пензиската основа се зема календарската година во која осигуреникот остварил плата, односно надоместок на плата за најмалку шест месеци стаж на осигурување. Платата, односно надоместокот на платата остварен во годината во која осигуреникот остварува право на старосна пензија не се зема за утврдување на пензиската основа.

4.Кога се врши усогласување на старосната пензија?

Пензијата се усогласува од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика. Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата.

5. Кој е рокот за донесување на решение за остварување право на старосна пензија?

Решение за остварување право на старосна пензија, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија донесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на уредно барање.

6. Дали осигуреникот има право на жалба против донесеното решение во постапката за остварување на право на старосна пензија?

Против решението донесено во прв степен на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, подносителот на барањето има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

7.Кој може да користи паричен надоместок за телесно оштетување?

Право на паричен надоместок за телесно оштетување осигуреникот стекнува независно од тоа дали се стекнал и користи и некое друго право од пензиското и инвалидското осигурување. Телесно оштетување постои кога кај осигуреникот ќе настане загубување, посуштествено оштетување или позначителна онеспособеност на одделни органи или делови од телото што ја отежнува нормалната активност на организмот и бара поголем напор во остварувањето на животните потреби, без оглед на тоа дали причинува или не причинува инвалидност.

8. Каде се поднесува барање за исплата на солидарна посмртна помош и кој ја врши исплатата?

 Исплата на посмртната помош од солидарниот фонд се врши по поднесено барање до филијалата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија од лицето кое извршило плаќање на трошоците за погреб. Исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд ја врши Стручната служба на Фондот а пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија преку подрачните единици.

9. Кои се условите за стекнување семејна пензија? 

Членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија по исполнување на општите и посебни услови.

10. Кои се општите, a кои ce посебни услови за стекнување на право на семејна пензија?

Општи услови за стекнување право на семејна пензија:

  • Ако осигуреникот од кого се изведува правото на семејна пензија до денот на смртта наполнил најмалку 5 години стаж на осигурување или најмалку 10 години пензиски стаж, или ако осигуреникот ги исполнува условите за стекнување право на старосна или инвалидска пензија, или бил корисник на старосна или инвалидска пензија.
  • Ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигурениикот.

Посебни услови за остварување право на семејна пензија:

Вдовец/вдовица стекнува право на семејна пензија ако:

  • до смртта на осигуреникот  лицето наполнило 50 години живот;
  • до смртта на брачниот другар лицето било неспособно за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;
  • по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или до смртта на брачниот другар лицето имало наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станало неспособно за работа.
Вдовецот/вдовицата кој во текот на користењето на правото по основ на вршење на родителска должност  стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.Вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.

Исто така, право на семејна пензија стекнува и вдовица кога:

– детето на осигуреникот е родено по смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија и припаѓа од денот на смртта на осигуреникот, 

– кај која постоела бременост на денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија до раѓањето на детето се определува за еден член на семејството,

– како и во случаевите ако детето е мртвородено или ако умре пред навршувањето на 45 дена живот, на вдовицата и припаѓа семејна пензија до истекот на 45 дена по породувањето.

Дете стекнува право на семејна пензија:

До наполнети 15 години живот, а ако е на школување до наполнети 26 години живот или ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија кој го издржувал било неспособно за работа или таквата несопсобност настанала во рок од 1 година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија.

Ако школувањето на детето е прекинато поради болест, правото на семејна пензија може да се стекне, односно му припаѓа и за време на боледувањето до наполнети 26 години живот, како и над тие години, но најмногу за толку време колку што е изгубено од редовното школување поради болест.

На детето кое го прекинало школувањето заради отслужување на воениот рок, семејната пензија му се исплатува и за тоа време.

Ако во текот на користењето на правото на семејна пензија детето стане неспособно за работа, трајно го задржува правото на семејна пензија.

Детето-инвалид има право на семејна пензија по престанок на работниот однос.

Како неспособност за работа, врз основа на која се остварува правото на семејна пензија кај децата се смета несособност за самостоен живот и работа, а кај другите лица постоење на загубена работна способност.

Како дете на школување се смета ученикот  во основно и  средно образование, стручно односно работно оспособување, студент на високообразовна установа и лицето на посдипломски студии, додека имаат статус  на ученик односно студент според статутот на  воспитно–образовната институција до навршување на 26 години живот.Како школување на дете  се смета и времетраењето на стручното, односно работното оспособување на децата со пречки во психофизичкиот развој.

Покрај наведените категории осигуреници, право на семејна пензија стекнува и родителот кога осигуреникот, односно корисникот на пензија го издржувал до својата смрт, се стекнува со право на семејна пензија ако:

1) до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензијата наполнил 55 години живот и

2) е помлад од 55 години, и ако до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија бил неспособен за работа.

Правото на семејна пензија им припаѓа првенствено на брачниот другар и на децата на осигуреникот, односно корисникот на пензија. Родителите, посвоителите, внучињата и другите деца без родители кои ги издржувал осигуреникот, односно корисникот на пензија, имаат право на семејна пензија ако осигуреникот, немал членови на потесното семејство кои имаат право на семејна пензија или ако пензијата што им припаѓа на членовите на потесното семејство не го исцрпува полниот износ на основата од која се определува семејната пензија.

Семејната пензија се определува од старосната или инвалидската пензија што на осигуреникот би му припаѓала во часот на смртта, односно од пензијата што на корисникот на пензијата му припаѓала во часот на смртта.

11. Која е постапката за стекнување право на семејна пензија?

Постапката се поведува по барање на член на семејството од починатиот осигуреник или корисник на пензија за остварување право на семејна пензија.

12. Kaде се поднесува барање за остварување на право на семејна пензија?

Барање за остварување на право на семејна пензија се поднесува до подрачната единица на Стручната служба на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен со пополнување на формулар.

13. Каде се поднесува барање за остварување право на инвалидска пензија?

Барање за остварување право на инвалидска пензија се поднесува во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.

14. Кој орган е надлежен за остварување право на инвалидска пензија?

За остварување на правата врз основа на инвалидност и неспособност за работа врз основа на која се стекнува право на инвалидска пензија, фактичката состојба се утврдува врз основа на наод, оцена и мислење на Комисијата за оцена на работната способност. Комисијата се формира во рамките на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија. 

15. Колку трае постапката за остварување право на инвалидска пензија?

Постапката за остварување право на инвалидска пензија и донесување на решение од страна на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија по основ на поднесено барање за инвалидска пензија, може да трае најмногу до 50 дена од денот на поднесувањето на барањето. 

16. Колkу категории на инвалидски пензии постојат?

Постојат две категории на инвалидски пензии и тоа:

А.  општа неспособност за работа  и

Б.  професионална неспособност за работа. 

17. Кој орган донесува решение за остварување право на инвалидска пензија?

 Решение за остварување право на инвалидска пензија донесува Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.

18. Што е втор столб?

 Втор пензиски столб е задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, што значи дека дел од вкупно уплатениот придонес за пензиско осигурување се уплаќа во приватен пензиски фонд, каде осигуреникот е член. 

Средствата од уплатените придонеси понатаму се инвестираат и се акумулираат на индивидуална сметка на членот на пензискиот фонд.

Секој член на задолжителен пензиски фонд има индивидуална сметка во избраниот задолжителен пензиски фонд. Индивидуалната сметка на членот ја сочинуваат средствата од уплатените придонеси и приносите од инвестираните придонеси, намалени за надоместоците што се наплатуваат од задолжителниот пензиски фонд.

Со задолжителните пензиски фондови управуваат пензиски друштва, кои имаат дозвола за основање и одобрение за управување со задолжителен пензиски фонд од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

Средствата од индивидуалната сметка во задолжителен пензиски фонд се користат за плаќање на пензија, кога членот ќе ги исполни условите за остварување на право на старосна пензија. Во случај кога членот нема да исполни услови за пензија, може да земе пензија само од втор столб или да ги повлече средствата од неговата индивидуална сметка, по наполнување на 65 години живот.

Во случај кога починат член на задолжителен пензиски фонд нема членови на семејството кои имаат право на семејна пензија, средствата од сметката на тој член стануваат дел на оставинска маса на оставителот и се наследуваат.

19. Дали моите средства во втор столб се сигурни?

Постојат строги правила за инвестирање на средствата на пензиските фондови утврдени со закон, со кои се обезбедува распределба на средства со која се заштитуваат од евентуален пад на нивната вредност. МАПАС ја супервизира работата на пензиските друштва на дневна основа со цел да се осигура дека друштвата ги следат правилата. Средствата како дел од пензискиот фонд се целосно одвоени од средствата на пензиското друштво, се чуваат кај банка чувар на имоти и се наменети за исплата на пензија.

20. Кога може да ги користам средствата од втор столб?

Кога ќе остварите право на старосна пензија односно 64 година возраст мажи и 62 годишна возраст за жени и минимум 15 години работен стаж. Доколку не стекнете право на старосна пензија поради тоа што немате пензиски стаж најмалку 15 години, средствата од втор столб можете да ги користите по наполнување на 65 години возраст.

21. Што е тоа пензиско друштво?

Акционерско друштво кое управува со пензиски фондови, а основано по претходно добиена дозвола од страна на МАПАС.

22. Колку пензиски друштва постојат во Северна Македонија?

Засега постојат три пензиски друштва кои управуваат со по еден задолжителен пензиски фонд и еден доброволен пензиски фонд: 

- КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, 

- Сава пензиско друштво АД Скопје, и 

- ТРИГЛАВ пензиско друштво АД Скопје.

23.Не знам дали сум член во задолжителен пензиски фонд (втор столб)? Каде да се обратам?

Во МАПАС - Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

24. Што е МАПАС?

 Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) е основана со цел да ги штити интересите на членовите на пензиските фондови. МАПАС е државна институција која врши супервизија на пензиските друштва и пензиските фондови и го регулира нивното работење.

25. Што е тоа пензиски фонд?

 Пензискиот фонд е отворен инвестициски фонд кој го сочинуваат уплатите на придонесите од осигурениците (идните пензионери) и приносите од нивното инвестирање со цел нивно оплодување (зголемување). Тие средства се чуваат на посебна сметка во банка, чувар на имот, која е одговорна за чување на средствата на пензискиот фонд.

26. Што се случува со придонесот кој ми се одвојува за втор столб?

Тие средства се уплатуваат на Вашата лична индивидуална сметка во Вашиот задолжителен пензиски фонд, кои потоа се вложуваат во финансиски инструменти со цел зголемување на средствата кои ќе се користат за пензија.

27. Од што ќе зависи висината на мојата пензија, ако сум член во прв и втор столб?

Вие ќе добивате пензија од два извора: од првиот столб и од вториот столб. Висината на Вашата пензија од прв столб ќе зависи од должината на Вашиот работен стаж, висината на платата и полот. Висината на Вашата пензија од вториот столб ќе зависи од висината на Вашите средства на Вашата индивидуална сметка во задолжителниот пензиски фонд.

28. Дали средствата од втор столб се наслeдуваат и која е постапката за да ми бидат исплатени средствата како наследник од втор столб?

Да, средствата се предмет на наследување. На нотар се прави оставинска постапка за средствата кои што починатиот член ги има на неговата индивидуална сметка во пензискиот фонд. Потоа го контактирате друштвото каде што починатиот бил член, за да добиете информација за постапката за наследување на средствата од неговата индивидуалната сметка и документацијата која треба да се достави. Пензиското друштво го доставува известувањето за исплата на наследник до МАПАС. МАПАС откако ќе добие потврда од Фондот на ПИОСМ дека нема поднесено барање до Фондот на ПИОСМ за остварување на семејна пензија на член на семејството на починатото лице, го известува друштвото дека може да ги исплати средствата на наследникот.

29. Дали како член на втор столб имам право на користење на средствата од втор столб доколку остварам право на инвалидска пензија од прв столб?

Да, вкупниот износ на средствата на Вашата сметка, од друштвото се пренесува во Фондот на ПИОСМ и исплатата на инвалидската пензија се врши од Фондот на ПИОСМ. По исклучок, доколку сте стекнале право на времена инвалидска пензија, времената инвалидска пензија ја исплаќа Фондот на ПИОСМ, а средствата од Вашата индивидуална сметка остануваат во задолжителниот пензиски фонд се додека не остварите право на старосна, инвалидска или семејна пензија.

30. Дали како член на семејството на починат член во втор столб, кој има право на семејна пензија од прв столб, имам право на користење на средства од втор столб?

Да, износ на средствата на индивидуалната сметка на починатиот член, од друштвото се пренесува во Фондот на ПИОСМ и исплатата на семејната пензија ќе се врши од Фондот на ПИОСМ. Средствата од втор столб може да ги подигнете и еднократно од индивидуалната сметка на починатиот член како наследство, а износот на семејната пензија која ќе ја добивате од прв столб ќе биде намалена за износот на средствата што сте ги добиле од втор столб.

31. Имам бенифициран стаж и распределен сум во втор столб. Како може да ја поништам регистрацијата на членството во втор столб?

Член на задолжителен пензиски фонд кој навршил стаж на осигурување со зголемено траење кој му овозможува намалување на старосната граница за остварување право на старосна пензија за најмалку една година, може да избере да го продолжи членството во вториот пензиски столб со писмена изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд во рок од три месеци од навршувањето на стажот на осигурување.

Доколку членот на задолжителен пензиски фонд, во рокот од од три месеци од навршувањето на стажот на осигурување со зголемено траење, не даде писмена изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, по истекот на овој рок му престанува членството во задолжителен пензиски фонд.

Барањето за поништување на регистрација во втор столб се поднесува до МАПАС. 

Барањето за продолжување/поништување на членството во втор пензиски столб можете да го преземете од веб страницата на МАПАС и се доставува до МАПАС.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }