Шахпаска: Министерството за труд и социјална политика продолжува со силна поддршка на работата на Националниот совет за безбедност и здравје при работа
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска оствари средба со претседателката на Националниот совет за безбедност и здравје при работа (БЗР), проф. Д-р Чаловска и проф. Д-р Караџинска Бислимовска, членка на Советот на БЗР.
На средбата се разговараше за значењето, начинот на работа и дејствувањето на Советот за безбедност и здравје при работа, како највисоко експертско советодавно тело на Владата на Република Северна Македонија.
Претставничките на Советот информираа за досегашната работа и реализирани активности во рамки на Советот, кои во изминатата година воглавно беа во знакот на заштитата и справувањето со ризиците поврзани со пандемијата на КОВИД-19.
„Безбедноста и здравјето при работа има огромно значење за нас како општество и затоа треба сите ние заеднички да работиме на негово унапредување и во легислативна смисла, но и во неговата имплементација“, посочи министерката Шахпаска.
Таа ја истакна важноста на подготовката на новото законско решение за безбедност и здравје при работа кое треба да одговори на потребите на едно современо општество, на кое безбедноста и здравјето на работниците му е високо на агендата на неговите приоритети.
На средбата стана збор и за активностите поврзани со изготвувањето на нова Стратегија и Акциски план за безбедност и здравје при работа, имајќи предвид дека периодот на важност на тековната Стратегија и АП изминува и тие треба да бидат заменети со нови стратешки документи. Улогата на Советот во овие процеси ќе биде од клучно значење. Важно да се има предвид дека во истиот овој период веќе е во тек и подготовката на новата Стратешка рамка на ЕУ за БЗР за периодот 2021-2027, која е важна за нас земја – кандидат за членство во Унијата и треба да ги имаме во предвид.
Министерката посочи дека Министерството ќе продолжи со заложбите за унапредување на здравјето на работниците и безбедноста на работните места, како и превенцијата од несреќи и заболувања поврзани со работата и работните места.
Соговорниците изразија задоволство за остварената средба и поддршката која ја дава Министерството за труд и социјална политика кон ова тело, што ќе придонесе за поголема видливост на работата на Советот за БЗР, при што беше потенцирана и заедничка подготвеност за уште поголемо продлабочување на соработката во наредниот период.