Шахпаска на "Вин Вин" на Телма телевизија: Со новото законско решение недела-неработен ден, не би се загрозило функционирањето на општеството и ќе има исклучоци за оние дејности кои се неопходни
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на емисијата "Вин Вин" на Телевизија Телма, зборуваше за актуелни теми значајни за граѓаните, како олеснетиот пристап до Гарантирана минимална помош, детскиот и образовниот додаток, измените во законот за работни односи, но и не помалку значајните Закон за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
„Она што беше изборно ветување се преточи во програма на Владата. Прв Закон со самото мое доаѓање во Министерството за труд и социјална политика беше Законот за спречување и заштита од дискриминација, закон кој претходно беше укинат и од Уставниот суд. Особено ми е драго што за овој Закон гласаа заедно и власта и опозицијата со 69 гласа „за“, истакна министерката Шахпаска.
Како втор Закон исто така особено значаен министерката Шахпаска го посочи Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој претставува имплементација на обврските кои како Влада беа преземени со ратификација на Истанбулската конвенција и кој е во собраниска процедура. Притоа таа посочи дека поддршка на сите пратеници и за ова законско решение кое ќе помогне во превенција и заштита против сите облици на насилство на жените.
„Тоа е решение кое нуди мултисекторки пристап преку решавање на овие состојби, преку вклучување на МТСП, МВР, МЗ, МОН и сервисите кои пружаат поддршка. Затоа ги повикувам и власта и опозицијата да гласаат за него“, истакна Шахпаска.
На тема пораст на семејното насилство за време на КОВИД 19, министерката Шахпаска истакна дека токму променетите услови предизвикани од пандемијата придонесоа за повторна преработка на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и да се излезе со подобра верзија од претходно.
„Треба отворено да разговараме за насилството, затоа што тоа не бира ниту верска, ниту етничка припадност, ниту општествен, ниту образовен статус. Затоа мошне е важна улогата на еден мултисекторски пристап и ова законско решение предвидува сите ресорни министерства во рок од 6 месеци од носење на Законот ги прилагодат своите материјални закони и спроведат обуки на своите вработени како да препознаат насилство и како да постапат кога влегуваат во домот на насилникот и како да ја направат проценката по живот на жртвата“, појасни Шахпаска.
Таа ја потенцираше и улогата и брзината на реакција од страна на судовите, но и прифаќањето на жртвите од семејно насилство во прифатилишта и шелтер центрите за време од 3, 6 и 12 месеци, но и нивна активација на пазарот на трудот доколку има таква потреба.
Суштината на социјалната реформа посочи министерката дека не е да се регрутираат нови граѓани од ранливите категории, туку да ги вадиме од сиромаштија. Таа го истакна олеснетиот пристап на Гарантирана минимална помош, која се движи околу 6000 денари по семејство, детскиот и образовниот додаток како начини на кои им се помага на ранливите категории на граѓани да дојдат до некоја пристојна финансиска поддршка од државата.
За измената во Законот за работни односи, кој што ги регулира договорите за работа, министерката појасни дека договорот за работа завршува со навршени 64 години старост и 15 години стаж доколку со друг закон не е поинаку решено, со исклучоци во оние дејности каде што има недостаток на кадар и каде што одењето во пензија би го загрозило функционирањето, тоа би било во здравството и високото образование. Притоа проценката ја прави менаџерот, директорот, раководителот, согласно потребите додека не се најде кадар кој што би го заменил дотогашниот. Притоа потенцираше Шахпаска има простор од 15 месеци општеството да се преструктуира и да се подготви за промените.
Во однос на подготовката на новото законско решение за недела-неработен ден, министерката истакна дека работните групи и сите засегнати страни работат секојдневно, со цел изнаоѓање на најприфатливо и најиздржано решение и во ниту еден момент не би се загрозило функционирањето на општеството и ќе има исклучоци за оние дејности кои се неопходни.