Социјални услуги

Социјални услуги кои се обезбедуваат согласно со Законот за социјалната заштита се:

1. услуги на информирање и упатување;

2. услуги на стручна помош и поддршка;

3. услуги на советување;

4. услуги во домот;

5. услуги во заедницата и

6. услуги за вон-семејна заштита.

 

1. Услугите на информирање и упатување опфаќаат информирање на граѓаните за правата од социјална заштита и расположливите социјални услуги, првична проценка и упатување до други институции, со цел остварување непречен пристап до правата и услугите.

2. Услугите на стручна помош и поддршка на поединец и семејство опфаќаат помош и поддршка за надминување на индивидуални и семејни проблеми преку проценка, планирање, интервенции за заштита и евалуација, како и следење на состојбата по завршување на интервенциите, со цел зајакнување на корисниците, промоција на нивниот непречен развој, обезбедување и одржување на добросостојбата и независноста и нивно долгорочно оспособување за самостојно надминување на социјалните проблеми.

3. Услугите на советување опфаќаат советодавна работа, односно советувалишна работа, со цел превенирање, ублажување и надминување на последиците од настанатите социјални проблеми на поединец и семејство, и тоа за:  подготовка за брак, живот во семејство, родителство, планирање на семејство, брачно/партнерско советување за партнери со нарушени односи,  советување при развод на брак, семејна медијација за семејства со нарушени семејни односи,  психо-социјална поддршка за жртви на семејно насилство,  психо-социјален третман на сторители на семејно насилство и  други специјализирани видови на советувања.

4. Услуги во домот се услуги за обезбедување помош и нега во домот на лице со привремено или трајно намален функционален капацитет, со цел овозможување на лицето да продолжи да живее во сопствениот дом и превенција на потребата од вонсемејна заштита, а се обезбедуваат како помош и нега во домот и лична асистенција.

Со услугата помош и нега во домот, се обезбедува помош во вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот до 80 часа месечно, за лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе, со цел да се оспособи корисникот за само-помош, односно да ја врати, стекне или одржи способноста самиот да се грижи за себе, за да продолжи да живее во сопствениот дом и да води независен живот во заедницата. Корисници на услугата се: лица со најтешка попреченост, односно комбинирана попреченост со највисок степен, потполно слепи лица, стари лица и други лица на кои им е потребна помош и нега во домот. Ч

Услугата лична асистенција опфаќа индивидуална помош и поддршка за лица од 18 до 65 годишна возраст, со намален функционален капацитет, со цел да се овозможи независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата, како и вршење на секојдневни активности, кои лице без попреченост вообичаено ги врши без поддршка. Личната асистенција вклучува: помош и поддршка во вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот, помош и поддршка на работното место, образовните институции, центрите за рехабилитација, помош и поддршка во зедницата и други активности од интерес на лицето, до 80 часа месечно. Корисници на услугата се лица со потешка и најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица.

5. Услуги во заедницата опфаќаат услуги на дневен, привремен престој, ресоцијализација, рехабилитација, реинтеграција, на корисници, одмена на семејна грижа и куќа на пола пат, заради превенција, згрижување и заштита, а со цел овозможување на корисникот да продолжи да живее во сопствениот дом, односно заедницата и превенција на потребата од вонсемејна заштита. Услуги на дневен престој

Услугата за дневен престој опфаќа дневно згрижување, индивидуални активности за стекнување животни и работни вештини, социјални, културни и рекреативни активности, едукација, социјална поддршка на лицата и нивните семејства и други сродни активности. Корисници на услугата се: деца во ризик, лица со попреченост, маргинализирани лица, стари лица и други лица со специфични социјални проблеми.

Услугата за рехабилитација и реинтеграција на лица кои се соочуваат со социјални и/или здравствени проблеми се обезбедува преку психо-социјална поддршка, терапевтска работа, работно-окупациона терапија, поддршка за стекнување на работни вештини и вештини за вработување, реинтеграција и самостојно живеење. Корисници на услугата се: деца во ризик, лица со попреченост и маргинализирани лица со специфични социјални и здравствени проблеми.

Услугата за ресоцијализација се обезбедува преку советодавна работа, индивидуална, семејна и групна терапија, образовна поддршка, придружба, едукации за развој на вештини, спорт, рекреација, творештво, поддршка за стекнување на работни вештини и вештини за вработување и други услуги на ресоцијализација, во зависност од потребите на корисниците. Услугата за деца во ризик и деца во судир со законот се обезбедува во центар за деца, согласно со Законот за правда за децата. Услугата за ресоцијализација, за возрасни лица по издржување на казна затвор и други лица со специфични социјални проблеми во потреба од ресоцијализација се обезбедува во центар за ресоцијализација.

Услугата за привремен престој обезбедува заштита и стручна помош на лица кои се наоѓаат во кризна состојба заради надминување на состојбата и нивна социјална интеграција. Корисници на услугата се: дете кое ќе се затекне без родителска грижа или како скита, дете жртва на злоупотреба, жртва на семејно насилство и родово базирано насилство, жртви на трговија со луѓе, бездомници. Услугата се обезбедува во времетраење до три месеци, со можност за продолжување уште за три месеци, а во исклучителни случаи кога состојбата не е надмината до една година.

Услугата за одмена на семејна грижа обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмена, одмор и задоволување на лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, а   може да се обезбеди и во домот на корисникот. Корисник на услугата е член на семејството кој се грижи за старо лице, лицe со попреченост и другo болно и изнемоштенo лицe, кое не може самостојно да ги врши основните и инструменталните активности од секојдневниот живот. Услугата за одмена на семејна грижа која се реализира со трошоци надоместени од центарот за социјална работа се обезбедува во времетраење до 15 дена во една календарска година.

Куќа на пола пат обезбедува помош, поддршка и подготовка за самостојно живеење на лица кои претходно биле под вонсемејна заштита, немаат свој дом или услови за живот во својот дом, заради нивна реинтеграција во општеството. Услугата се обезбедува во текот на сместувањето или веднаш по престанокот на сместувањето. Корисници на услугата се: дете без родители и родителска грижа, дете по напуштање на воспитна установа за ресоцијализација, возрасни лица по издржување казна затвор, лица со попреченост, зависници од алкохол и дроги по спроведен третман за лекување и други лица со специфични социјални проблеми кои имаат потреба од подготовка за самостоен живот.

6. Со услуги на вон-семејна заштита се обезбедува основна заштита која опфаќа: сместување, помош и поддршка од стручни лица, згрижување, исхрана, облека, здравствена заштита, и други услуги во зависност од видот на корисниците, кои немаат услови за живеење во своето семејство или од други причини им е потребна вон-семејна заштита. Услуги на вон-семејна заштита се живеење со поддршка,  згрижување во друго семејство и сместување во установа.

Живеење со поддршка се обезбедува во посебна станбена единица со помош од стручни или други лица во остварување на основните и инструменталните активности во секојдневниот живот. Помошта и поддршката може да биде повремена, дневна или 24 часовна помош и поддршка, во зависност од потребите на корисникот. Корисници на услугата се: лица со попреченост и деца без родители или родителска грижа над 14 годишна возраст, а најдоцна до завршување на средното образование, заради оспособување за самостоен живот и интеграција во општеството. Во станбена единица за живеење со поддршка може да се сместат најмногу до пет лица, односно седум деца без родители или родителска грижа.

Згрижување во семејство опфаќа основна заштита и 24 часовна грижа за деца и возрасни лица кои немаат свое семејство или немаат услови за живот во сопственото семејство. Згрижувањето  може да се обезбеди како општо, специјализирано, повремено, интервентно или роднинско згрижување.

Општо згрижување е услуга преку која на сместените лица им се обезбедува задоволување на секојдневните потреби, грижа за личноста, воспитанието, образованието, развојот, здравствената состојба, во зависност од секојдневните потреби на сместеното лице. Корисници на услугата се: стари лица, деца без родители и родителска грижа, лица со попреченост.

Специјализирано згрижување е услуга преку која на сместените лица им се обезбедува општо згрижување на лицата и поддршка до надминување на социјалните проблеми, а која се обезбедува од страна на згрижувачи кои поминале специјализирана обука. Корисник на услугата е: дете жртва на семејно насилство, дете во ризик и дете во судир со законот, дете или лице со попреченост.

Повремено згрижувачко семејство обезбедува згрижување на дете или возрасно лице згрижено во друго згрижувачко семејство, како и за дете или возрасно лице со попреченост кое живее со родител/старател заради одмор, терапија, лекување и завршување на домашни, семејни и професионални обврски на згрижувачот, односно родителот/старателот. По престанокот на потребата од привремено згрижување, згрижувачкото семејство, односно родителот/старателот, ја продолжува грижата за детето или лицето.

Интервентно згрижување е услуга на краткорочно згрижување во семејство на лица за кои е неопходна итна заштита, до изнаоѓање на соодветни облици на заштита, а најдолго до 30 дена. Корисници на услугата се: дете без родители и родителска грижа, деца од конфликтни семејства, жртви на насилство, жртви на трговија со луѓе и други лица чиј социјален проблем налага итно згрижување и заштита.

Роднинско згрижување е услуга за згрижување на дете без родители и без родителска грижа, во семејство на неговите баба, дедо, брат, сестра, вујко, чичко или тетка.

Сместувањето во установа опфаќа основна заштита која обезбедува: згрижување, 24- часовна помош и поддршка од стручни лица, исхрана, облека и обезбедување здравствена заштита, во зависност од утврдените потреби на корисникот, кој нема услови за живеење во своето семејство или од други причини му е потребна вон-семејна заштита. Услугата за сместувањето во установа за деца, стари лица, лица со попреченост и баратели на азил покрај основната заштита, обезбедува пристап до образование, стекнување на животни вештини, работно оспособување и професионална рехабилитација, социјални, културни и рекреативни активности, во зависност од потребите на корисниците на услугите.

Услугата за сместување на деца во судир со законот на возраст од 14 до 18 години со изречена мерка упатување во воспитна установа, согласно со прописите од областа за извршување на санкциите и упатување во соодветна установа согласно со закон, освен основната заштита, опфаќа и ресоцијализација, реинтеграција, воспитание, пристап до образование и образовна поддршка, организирано минување на слободното време и други услуги за ресоцијализација, а се  организира во воспитна установа за деца, согласно со Законот за правда на децата.

Услугата за сместување на изнемоштено старо лице, хронично болно лице, терминално болно лице и друго лице во потреба од континуирана помош и нега, освен основната заштита, опфаќа и специјализирана стручна помош и социјална поддршка на неговото семејства.

Услугата за сместување на лица со попреченост, лица кое имаат проблем со зависности и други маргинализирани лица, кои имаат потреба од спроведување на третман и рехабилитација, покрај основната заштита, им се обезбедува, третман и рехабилитација, работно-окупациона терапија, поддршка за стекнување на работни вештини и вештини за вработување, реинтеграција и самостојно живеење, во зависност од потребата на корисникот.

 Услугата за сместување на баратели на азил обезбедува основната заштита, согласно со минимумот на стандардите за прифат на баратели на азил, утврдени со меѓународни договори, ратификувани согласно со Уставот на Република Северна Македонија.

Лице може да користи социјална услуга, доколку е развиена и достапна.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }