Еднократна парична помош
Еднократна парична помош или помош во натура се доделува на лице или на семејство кое се нашло во состојба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа на член на семејството.
Под помош во натура, се подразбира обезбедување на облека, исхрана и други средства за кои центарот за социјална работа ќе утврди дека се неопходни за минимална егзистенција на граѓанинот и семејството.
По исклучок, како исклучок на несреќни случаи, акутна болест која бара болничко лекување и слично, може да го користат и државјани на Република Северна Македонија кои немаат постојано живеалиште, како и странци со привремен престој и регулиран влез во Република Северна Македонија, согласно со закон.
Во Буџетот на Републиката се обезбедуваат средства за доделување на еднократна помош во случаи на вонредно загрозување на населението од поголеми размери.
Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 30.000 денари и тоа:
- за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик, а која може да остави трајни последици, заради претрпена природна непогода (земјотрес, поплава, пожар) епидемија и смрт на член на семејството,
- лице кое има потреба од оперативен зафат или подолго лекување во здравствена установа во странство и
- станбено необезбедено лице корисник на гарантирана минимална помош и тоа лице неспособно за работа, како помош во обезбедување на нужно сместување.
Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 15.000 денари за потребите на лице - жртва на семејно насилство за обезбедување на итна заштита и згрижување.
Износот на еднокртана парична помош може да изнесува до 12.000 денари за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик во случај на подолго лекување во здравствена установа, како и за лице-жртва на семејно насилство за остварување на право на здравствена заштита и медицински третман.
Износот на еднократна парична помош може да изнесува до 4.500 денари за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик кој не остава трајни последици, а е неошходно социјално и материјално обезбедување на лицето.
Висината на правото на еднократна парична помош, се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.
Еднократната парична помош се остварува во центарот за социјална работа.
По исклучок во итни и неодложни случаи министерот може да донесе решение за доделување еднократна парична помош.
Против решението на министерот, може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Лице кое до 18-годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, односно по престанување на старателството, а најмногу до 26-годишна возраст, има право на интервентна еднократна парична помош во висина до 180.000 денари, заради вклучување во социјалната средина.
Ова право се остварува по напуштање на установата или згрижувачкото семејство.
Центарот за социјална работа заедно со ова лице, прави план за интеграција на лицето во социјалната средина кој се однесува на обезбедување на домување, вработување, редовно образование и други потреби, врз основа на кој се исплаќаат средствата.
Планот се изготвува три месеци пред напуштање на установата за вонсемејна заштита, станбената единица за живеење со поддршка или згрижувачкото семејство.
Во барањето за остварување на еднократна парична помош, поднесителот наведува за која цел му е потребна помошта и во рок од 15 дена од кога средствата се искористени, а најдоцна три месеци од добивање на помошта, до центарот за социјална работа доставува доказ дека средствата се искористени за целта наведена во барањето, освен за еднократна парична помош во висина до 4.500 денари.
Доколку лицето не достави доказ во рокот, должен е да ги врати примените средства.
Барањето за остварување на правото на еднократна парична помош се поднесува до месно надлежниот центар за социјална работа, на посебен образец – Барање за остварување на правото на еднократна парична помош, центарот за социјална работа ја зема предвид приложената документација.
Подносителот на барање за остварување на правото на еднократна парична помош, доставува лична карта или друга лична исправа само на увид за утврдување на адресата на живеење.
Потребна документација за остварување на правото на еднократна парична помош доколку подносителот на барањето не користи право од социјална заштита, за него и членовите на семејството е:
1. важечка лична карта за државјани на Република Северна Македонија, дозвола за постојан престој на странец, лична карта за признат бегалец или лична карта за лице под супсидијарна заштита, се доставува само на увид за докажување на идентитетот и државјанството, или поднесено барање за признавање право на азил,
2. извод од матична книга на родените;
3. извод од матична книга на венчаните, доколку има склучено брачна заедница;
4. извод од матична книга на умрените, за починат член на семејството;
5. потврда за примена нето плата во последните три месеци пред поднесување на барањето;
6. потврда за остварена пензија, за пензионери;
7. потврда од Агенција за вработување на Република Северна Македонија, за невработени членови во семејството и
8. уверение за пријавени или остварени приходи од Управата за јавни приходи.
Документите од точките 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8, од страна на центарот за социјална работа се прибавуваат по службена должност по пат на размена на податоците по електронски пат со надлежните институции или во писмена форма, по претходно дадената писмена согласност на подносителот/корисникот за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на еднократна парична помош.
|