Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија

Министерство за труд и социјална политика ги повикува заинтересираните лица корисници на пензија да се јават за користење на услугата Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2016 година.

Oваа услуга може да ја користат лица - корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија остварена според прописите на Република Македонија и одредбите од договорите за социјално осигурување коишто Република Македонија ги применува, а коишто живеат на територија на Република Македонија и правото на пензија го стекнале заклучно со август 2015 година.

Услугата може да се користи еднаш, во период од април до ноември 2016 година, во траење од 3 дена и опфаќа:

  •  2 полни пансиони (2 ноќевања со три оброка дневно), односно пристигнување во петок попладне, а заминување недела попладне,и
  •  автобуски превоз до хотелскиот објект.

Хотелските објекти  во кои ќе бидат упатувани корисниците на пензија се наоѓаат во следните градови, односно места: Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Преспа и Берово.

Лицата корисници на пензија коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило имаат право на придружник за време на користење на услугата.

Потребни документи коишто корисникот на пензија треба да ги достави за користење на услугата:

  • За користење на услугата Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2016 година  потребно е да се поднесе барање до подрачната единица на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија. Барањето го издава филијалата на Фондот.
  • Во барањето корисникот на пензија може да се определи да ја користи услугата Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2016 година или услугата Бањско климатска рекреација за корисници на пензија за 2016 година.
  • Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија којашто се исплатува од друга држава, задолжително треба да се достави и потврда/чек од банката за месечниот износ на пензијата.

При рангирањето на поднесените барања, приоритет ќе биде даден на пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност.

Барањата ќе можат да се поднесат до 30-ти септември 2015 година.

По завршување на постапката Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, задолжително писмено ќе  го известат подносителот на барањето за хотелскиот објект во кој ќе биде упатен и  периодот на користењето на услугата.

Списоците на корисниците на пензија на коишто им е одобрено користење на услугата за Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија ќе бидат објавени во Филијалите на Фондот, како и на web  страната на Министерството за труд и социјална политика  www.mtsp.gov.mk и на web страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија www.piom.com.mk.

Напомнуваме дека лицата–корисници на пензија коишто во 2015 година  добиле право да ja користат услугата од проектот Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 годин или Бањско климатска рекреација не може да ја користат услугата во 2016 година.