Билатерална соработка

 

Министерството за труд и социјална политика редовно склучува и остварува договори за билатерална соработка со министерства од други земји, задолжени за прашањата од сферата на трудот и социјалната политика. Така, во досегашниот период Министерството за труд и социјална политика има склучено договори за билатерална соработка со Министерството за труд и социјална политика на Бугарија, со ГИП Интернационал (Министерство за труд, вработување, професионална обука и социјален дијалог) Република Франција, Министерството за труд, семејство и социјални прашања на Република Словенија,Министерството за труд, социјални прашања и семејство на Република Словачка, Федералната јавна служба за труд, вработување и социјален дијалог на Кралството Белгија, Министерството за труд и социјална сигурност и Министерството за семејство и социјални политики на Република Турција, Министерството за социјални прашања на Република Естонија, Министерството за труд и социјални работи на Чешката Република, Министерството за труд и социјална грижа на Црна Гора, Министерството за социјална политика и млади на Република Хрватска, Сојузното Министерство за труд, социјални прашања и заштита на потрошувачи на Република Австрија, Европскиот центар за социјална политика и истражување во Виена, Австрија, Министерството за труд и социјална заштита на Руската Федерација и и Министерството за човечки ресурси и социјална сигурност на НР Кина. Во моментов се вршат консултации за склучување на повеќе договори за билатерална соработка со други партнерски министерства од повеќе земји.


Билатерална соработка со Бугарија
  

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија во 2003 година склучи Договор за соработка со Министерството за труд и социјална политика на Република Бугарија од областа на трудот и социјалната политика. Многубројните активности кои произлегоа од овој Договор, а беа во функција на негово имплементирање, најмногу се однесуваа на областите: пазар на труд, социјален дијалог, пензиско и инвалидско осигурување и социјална инклузија.

Во функција на зајакнување на севкупната билатерална соработка со Република Бугарија  и желбата за проширување и продлабочување на соработката на полето на трудовото право, пазарот на труд и борбата против непријавената работа, согласно со постојните закони и регулативи во двете земји, Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика на Република Бугарија, на 25.11.2014 година, во Софија, Бугарија, потпишаа Меморандум за соработка на полето на трудовото право, пазарот на труд и борбата против непријавената работа помеѓу двете министерства.

Со потпишувањето на  овој Меморандум, двете министерства, ќе разменуваат документи и информации во врска со законските регулативи и нивните измени и дополнувања, како и реципрочна размена на експерти со цел искористување на искуствата од другата страна на теми кои се однесуваат на долунаведените прашања: хармонизација на трудовото законодавство, примена на законодавството за мирно решавање на работните спорови, заштита од вознемирување на работното место, учество на вработените преку нивните претставници во управувањето на компаниите, размена на искуства поврзани со социјалниот дијалог и колективните договори на гранково ниво и на ниво на работодавач, сезонска работа и политики и мерки за олеснување и превенција од непријавената работа, спроведување на инспекциски надзор, надминување на состојбите со неформалното вработување и законски решенија во таа насока, видови на активни политики за вработување на долгорочно невработените лица, младите и ранливи групи на граѓани, користење на средства од Европскиот Социјален Фонд за активни политики и програми за вработување, методи за мерење на ефективноста на активните програми за вработување и размена на искуства и експерти од областа на трудовата миграција и интеграција на имигранти.

Важноста на овој Меморандум е за период од две години, по што автоматски ќе биде обновуван за дополнителни двогодишни периоди доколку ниту една од Страните ја извести другата за својата намера да го раскине овој Меморандум, најмалку три месеци пред датумот на неговото истекување.

 

Билатерална соработка со Франција

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и ГИП Интернационал (Групација од јавен интерес за развој на техничка помош и меѓународна соработка–Министерство за труд, вработување, професионална обука и социјален дијалог) на Република Франција, веќе неколку години активно соработуваат на полето на почитувањето на социјалните норми, развој на социјалниот дијалог во РМ, зголемување на вработувањата, борбата против сиромаштијата, борбата против социјалното исклучување и друго. Така, во периодот 2006-2015 година, двете страни склучија шест програми за билатерална соработка. Првата програма за соработка беше склучена за 2006 година, втората за 2007 (со важност и за 2008 година) и третата за периодот 2009-2011, четвртата за периодот 2011 со проекции за 2012 година, петтата за периодот 2012-2014 и шестата за периодот 2015-2016. Секоја од овие програми изобилува со клучни прашања од областа на трудот и социјалната заштита, кои се дел од законодавството на Европската унија, а чие транспонирање и имплементирање од страна на Република Македонија се неопходни за нејзините евро-интегративни процеси.


Билатерална соработка со Словенија

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија во 2003 година склучи Договор за соработка со Министерството за труд, семејство и социјални работи на Република Словенија од областа на трудот и социјалната политика. Со цел негово имплементирање обете страни изготвија Програма за соработка за периодот 2010-2011 година. Програмата се концентрира на прашањата: социјален дијалог, пазар на труд, пензиско и инвалидско осигурување, координирање на системите за социјално осигурување, миграциони текови и прашања поврзани со прифаќање на азиланти и бегалци, згрижување на социјално исклучени лица (изработка на Заеднички меморандум за инклузија), работа со лица корисници на дроги, соработка со НВО, деинституционализација и децентрализација и правата на децата.


Билатерална соработка со Словачка

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, на 26.01.2010 година во Братислава, склучи Договор за соработка со Министерството за труд, социјални прашања и семејство на Република Словачка.  Договорот за соработка претставува одлична можност за размена на знаења и искуства во областите на трудот, вработувањето и социјалната заштита, а особено се концентрира на областите: активни политики за вработување со особен осврт на поддршката за вработување на  Ромите и другите маргинализирани групи од населението, социјалниот дијалог, искуствата на Република Словачка во користењето на средствата од Европскиот Социјален Фонд, како и на можностите за имплементирање на твининг проекти. Важноста на овој Договор е за периодот од 2010-2012 година.


Билатерална соработка со Белгија

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, на 21.01.2013 година во Брисел и Федералната јавна служба за труд, вработување и социјален дијалог на Кралството Белгија, потпишаа Заедничка декларација за соработка во областа на трудот помеѓу двете министерства.

Декларацијата за соработка претставува одлична можност за размена на знаења и искуства во поглед на усогласување на регулативите за работа и труд со стандардите на Европската унија; промовирање и развој на социјалниот дијалог; решавање на индивидуални и колективни конфликти од областа на трудот; развој на Националната политика за вработување која ја имплементира Европската стратегија за вработување и ЕУ Стратегијата 2020; инструментите за мониторинг и анализата на пазарот на труд; недискриминација, политиката за разновидност и политиката за еднакви можности на работното место и во пристапот до работа; подобрување на ефикасноста на трудовата инспекција и заштита на безбедноста и здравјето на работниците на работното место.

Важноста на оваа Декларација е за период од две години, по што ќе биде автоматски продолжена со исто траење, освен доколку некоја од страните не достави писмено известување еден месец пред истекот на периодот.


Билатерална соработка со Турција

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, на 5.9.2013 година во Анкара и Министерството за труд и социјална сигурност на Република Турција, потпишаа Договор за соработка во областа на трудот социјалната сигурност и вработувањето помеѓу двете министерства.

Договорот  за соработка претставува  можност за вработените од двете министерства,  взаемно да си помагаат и соработуваат во креирањето и имплементирањето на политиките во областа на трудот, вработувањето и социјалната сигурност, со што ќе се обезбеди создавање на подобри услови за живот на граѓаните на обете пријателски земји. Ваквата соработка ќе се одвива пред се преку размена на искуства и знаења за тековните состојби во наведените области, но и за стратешките планови за во иднина.

Овој Договор, меѓу другото, ги опфаќа и темите: права од работен однос, искоренување на детскиот труд, безбедноста и здравјето при работа на работниците, трудовата инспекција, политиките за вработување и следењето на развојот на пазарот на трудот, професионалната рехабилитација на лица со попреченост и социјалната сигурност.

Важноста на овој  Договор е за период  од една година и автоматски ќе биде обновуван за последователни едногодишни периоди доколку ниту една од Договорните страни не ја извести другата страна  за својата намера да го раскине овој Договор, најмалку три месеци пред датумот на неговото истекување.

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за семејство и социјални политики на Република Турција, на 19.01.2015 година, во Анкара, Република Турција, потпишаа Изјава за намери за соработка на полето на социјалната политика помеѓу двете министерства.Потпишувањето на оваа Изјава, значително ќе придонесе кон зајакнување и продлабочување на севкупната билатерална соработка со оваа земја, а во исто време ќе претставува одлична можност за нашето министерство за размена на искуства, знаења и експерти за поголем број на прашања опфатени со оваа Изјава, како што се прашањата поврзани со социјалните услуги за семејството, жените, децата, старите лица и лицата со посебни потреби.


Билатерална соработка со Естонија

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за социјални прашања на Република Естонија, на 2. 9. 2014 година во Талин, Естонија потпишаа Меморандум за соработка во областите на трудот, вработувањето и социјалната политика помеѓу двете министерства.

Меморандумот за соработка предвидува, соработката во наредните три години да се одвива пред се во областа на вработувањето, развивање и имплементација на политики за вработување, социјалната заштита, односно развивање и имплементација на политики и мерки за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост на лицата кои се доведени во било каков вид на социјален ризик, потоа во областа на заштитата на правата на децата, со посебен акцент на згрижување на децата со посебни потреби, системот на социјална сигурност, заштита при работа, еднакви можности на жените и мажите, како и активностите поврзани со започнувањето на водење преговори за членство во ЕУ.

Исто така, со оглед на тоа што Естонија е веќе земја членка на Европската Унија, Меморандумот за соработка со оваа земја претставува  одлична можност за нашето министерство за искористување на нивните искуства, сознанија и научени лекции кои ќе бидат од голема помош при изработката на стратешки документи, законска регулатива и дефинирање на идните проекти. Соработката ќе се одвива преку размена на експерти, заемно учество на семинари, конференции и други меѓународни настани, кои ќе бидат организирани на териториите на двете земји, реализација на студиски посети на вработените од двете министерства, како и реализација на проекти кои се од заеднички интерес за двете министерства. 


Билатерална соработка со Чешка

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и министерот за труд и социјални работи на Чешката Република Микаела Марксова во Прага потпишаа Меморандум за соработка од областа на трудот, вработувањето и социјалната политика.

Република Македонија и Чешката Република имаат заеднички изразен интерес за развивање на соработката и пријателските односи. Токму поради тоа со потпишувањето на Mеморандумот се предвидува активна соработка на двете министерства во делот на грижа за лица од ранливите групи, социјални услуги, социјално осигурување, социјални бенефиции, Законот за работни односи, политики за пазарот на труд и вработување, социјален дијалог и колективно договарање.

Исто така, во иднина со склучениот Меморандум се предвидува и започнување на заеднички проекти, организирање конференции, семинари, студиски посети. 

Овој тип на размена на искуства и продлабочување на соработката со земјите членки на Европската Унија, го помага евроинтегративниот процес на Република Македонија.

 

Билатерална соработка со Црна Гора

Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Диме Спасов и Министерот за труд и социјална грижа на Црна Гора, Зорица Ковачевиќ, на 24 јуни во Скопје и на 3 јули 2015 година во Подгорица по пат на размена на потписи потпишаа Меморандум за соработка од областа на трудот, вработувањето и социјалната политика.

Република Македонија и Црна Гора искажаа заеднички интерес за развивање на соработката во областите на трудот, вработувањето и социјалната политика со цел нивно побрзо интегрирање во ЕУ. Потпишувањето на Mеморандумот за соработка претставува одлична можност за размена на искуства, информации  и знаења меѓу двете земји во делот на зголемување на вработеноста со посебен акцент вработување на младите, споделување на иксуства во процесот на подготовка на Националната стратегија за вработување и други стратешки документи, подготовка на трудовото законодавство, заштита и здравје при работа, унапредување на социјалниот дијалог, реформи на пензиското и инвалидското осигурување, заштита на децата, вработување на инвалидни лица, програми за социјално вклучување на групи во ризик од сиромаштија и социјална исклученост, размена на искуства во однос на користењето на средствата од Претпристапната помош на ЕУ (ИПА), како и размена на искуства за реализација на процесот на  пристапување кон Европската унија - screening, отворање и спроведување на преговорите и исполнување на критериумите за членство во Унијата, посебно за поглавјата 3.19 Социјална политика и вработување и 3.02 Слободно движење на работниците.

Исто така, со склучениот Меморандум се предвидува и започнување на заеднички проекти, организирање конференции, семинари, студиски посети. 

 

Билатерална соработка со Хрватска 

Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Диме Спасов и Министерот за социјална политика и млади на Република Хрватска, Миланка Опачиќ, на 4 септември во Скопје и на 22 септември 2015 година во Загреб по пат на размена на потписи потпишаа Меморандум за соработка во областа на социјалната политика.

Со оглед на тоа што Република Хрватска е веќе земја членка на ЕУ, потпишувањето на Mеморандумот за соработка претставува одлична можност за размена на искуства, информации  и знаења меѓу двете земји во областа на социјалната политика со посебен акцент во делот на советувалиштата за брак и семејство и воведување на медијацијата во решавањето на семејните спорови, стратегиски определби за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост како и нивна имплементација и следење, деинституционализација на установите за социјална заштита, заштита на децата, бездомништво  и станбена необезбеденост на лица во ризик од сиромаштија и социјална исклученост. 

Меморандумот предвидува соработката да се одвива преку размена на експерти, заемно учество на семинари, конференции и други меѓународни настани, кои ќе бидат организирани на териториите на двете земји, реализација на студиски посети на вработените од двете министерства, како и реализација на заеднички проекти во областа на социјалната политика, а кои се од заеднички интерес за двете министерства.  


Билатерална соработка со Австрија

Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Диме Спасов и Сојузниот Министер за труд, социјални прашања и заштита на потрошувачи на Република Австрија, Рудолф Хундсторфер, на 8 мај 2014 година, во Виена потпишаа Меморандум за соработка во областа на трудот и социјалната политика.

Потпишувањето на овој Меморандум е резултат на заеднички изразен интерес на Република Македонија и Република Австрија за понатамошен развој на добрите односи и потикнување на билатералната соработка меѓу двете земји во областа на трудот и социјалната политика, а со цел поддржување на процесот на интеграцијата на Македонија во Европската унија.

Меморандумот за соработка предвидува активна соработка на двете министерства во делот на размената на искуства во областа на трудот и социјалната политика, правото на вработените од областа на безбедност и здравје при работа и трудовата инспекција, политиките за вработување и пазарот на трудот, развој на социјалниот дијалог, системот за социјално осигурување, социјална заштита и интеграција на лица со посебни потреби како и нивно вработување и професионална рехабилитација.

Исто така, со потпишувањето на овој Меморандум се предвидува размена на експерти и информации, советување и унапредување на експертите, организирање на заеднички настани, конференции, семинари и др.

Билатерална соработка со Европскиот центар за социјална политика и истражување
 

Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Диме Спасов и извршниот директор на Европскиот центар за социјална политика и истражување при ООН, Каи Лајсенринг, на 25 август 2016 година, во Виена, Австрија, потпишаа Писмо за намера за соработка во областа на вработувањето и социјалната политика. Со потпишувањето на овој документ, се предвидува подобра соработка во делот  на вработувањето, социјалната политика, заедничко аплицирање и спроведување на проекти, финансирани од страна на ЕУ, поддршка при изработка на стратешки документи во областа на социјалната политика, трансфер на знаења преку размена на соработници, учество на работилници, семинари и други настани кои ќе се организират од страна на Европскиот центар.

 

Билатерална соработка со Руската Федерација

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за труд и социјална заштита на Руската Федерација, на 20 октомври 2016 година, во Москва потпишаа Меморандум за разбирање во врска со соработката во областа на трудот и социјалната политика. Потпишувањето на овој Меморандум е резултат на заеднички изразен интерес на Република Македонија и Руската Федерација за развивање на билатералната соработка меѓу двете земји во областа на трудот и социјалната политика. Меморандумот за разбирање предвидува активна соработка на двете министерства во делот на размената на знаења и искуства во областа на трудот и трудовото законодавство, законодавството за заштита на работниците, активни мерки и политики за вработување, со посебен акцент вработување на младите, законодавството во сферата на социјалната заштита, социјална сигурност и социјално осигурување, социјална поддршка на инвалидните лица, економско јакнење на жените и др. Исто така, со потпишувањето на овој Меморандум се предвидува размена на документи, консултации на експертски сесии како и средби и конференции за договорени теми. 

Билатерална соработка со НР Кина

Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за човечки ресурси и социјална сигурност на НР Кина, на 15 мај 2017 година, во Скопје потпишаа Меморандум за соработка во областа на трудот и социјалната сигурност. Република Македонија и НР Кина соработуваат во повеќе области, а една од нив е областа на трудот и социјалната сигурност. Потпишувањето на овој меморандум е во функција на проширување и продлабочување на билатералната соработка во областите на трудот и социјалната сигурност. Со овој Меморандум државните службеници на двете надлежни министерства ќе имаат одлична можност да разменат информации и искуства во областа на трудовото законодавство, креирањето и имплементирањето на политиките за вработување со посебен акцент на вработувањето на младите, трудовата инспекција и социјалната сигурност, со акцент на шемата за старосно социјално осигурување. Исто така, со потпишувањето на овој Меморандум се предвидува размена на посети на министерско ниво, размена на посети од страна на експерти во специјализирани области, заедничко организирање на курсеви за обука, семинари и конференции, реализација на заеднички проекти во области од заеднички интерес, а се со цел долгорочно решавање на проблемите и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на двете земји.