Одбележан Меѓународниот ден на аутизмот

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и аспергеров синдром „Во мојот свет“–Скопје на симболичен начин го одбележаа Меѓународниот ден на аутизмот- 2 април, редејќи голема сложувалка-симбол на оваа состојба пред Дневниот центар за деца со аутизам.



Овој центар, кој почна неодамна да работи, нуди вонинституционална заштита на децата и младинците со аутизам и обезбедува дневно згрижување, креативно едукативни работилници и развој на социјални вештини. Дневниот центар има капацитет да згрижи 15 деца на возраст до 18 години, со можност таа бројка да се зголемува. 

Дневниот центар за аутизам работи како организациски дел на Центарот за социјална работа на Град Скопје. Центарот обезбедува дневно згрижување и притоа се овозможува квалитетна грижа за децата со аутизам и индивидуален третман и пристап на секое дете поединечно. 

Во Дневниот центар за аутизам работат професионалци - логопед, психолог, дефектолог и негувателка. Во моментов Дневниот центар го посетуваат пет деца кои добиваат комплетен третман. Дневниот центар го посетуваат и други деца кои посетуваат индивидуални третмани. Центарот нуди стручно-консултативна помош за родителите, односно сите развојни потреби и однесувања на нивните деца.

Дневниот центар за деца со аутизам, кој е прв од ваков вид во Македонија, е сместен во објектот на Заводот за рехабилитација на деца и млади. За неговата реконструкција, адаптација и опремување во буџетот на МТСП беа обезбедени средства во вкупен износ од 3.167.224 денари, вклучително и средствата за новите вработувања на дополнителниот број стручни лица за неговите потреби. 

Министерството за труд и социјална политика во наредниот период  планира отворање на уште еден ваков центар на територијата на Градот Скопје, како и отворање дневен центар за деца со аутизам во Штип.   

Согласно со Законот за заштита на децата родителот, односно старателот кој има дете со аутизам остварува право на посебен додаток во износ од 4.202 денари додека не наполни 26 години, доколку тоа не е институционално згрижено на товар на државата. Во моментов во Македонија има 97 деца со аутизам кои го остваруваат правото на посебен додаток. 

Самохраните родители кои имаат дете со посебни потреби, за какви се сметаат аутистичните, дополнително добиваат и посебен додаток кој сега е зголемен за 50 проценти и изнесува 6.400 денари.

Досега Министерството за труд и социјална политика има отворено 24 дневни центри за деца со пречки во менталниот развој, а се планира во иднина таков да се отвори и во Струмица, Валандово и Охрид. Во тек се активности за подготовки на Центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години и нивните семејства во местото на живеење како заедничка иницијатива на Министерството за труд и социјална политика со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ и Градот Скопје. 

Се планира и отворање на дневен центар на деца со оштетен вид на помала возраст кои не се опфатени со ниту една форма на едукација или рехабилитација.

Свој личен придонес во работата на новоотворениот Дневен центар за деца со аутизам даде и претседателот на Управниот одбор на „Медија принт Македонија“ д-р Срѓан Керим кој врачи донација од 60.000 денари.