Денови на занаетчиство во Република Македонија

 

Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Енвер Хусејин присуствуваше на  одбележувањето на петтите Денови на занаетчиство во Република Македонија. Една од клучните пораки на оваа манифестација беше дека занаетчиството во Македонија заслужува внимание, има потенцијал и нуди можности.

 “И покрај тоа што последниве години власта направи одредени чекори за поддршка на овој сектор, се уште сметаме дека занаетчиството не го добива заслуженото внимание. Ако се земе предвид фактот дека во земјава постојат 10.000 занаетчии, очекуваме повеќе конкретни мерки за поддршка креирани само за занаетчиството со сите негови специфики”, истакна претседателот на Занаетчиската комора на Македонија Весна Симова и притоа додаде дека голем дел од дефицитарните занимања, се токму занаетчиските. Симова во овој контекст потенцираше:”Тоа е уште еден доказ дека оваа дејност нуди и има перспектива”.



Според државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусеjин, потенцијалот на македонското занаетчиство не е целосно искористен.

“Занаетчиството мора да се презентира како важен дел на стопанството. Тоа не е само традиција и чувар на културата, туку високо техничко занимање, атрактивно, перспективно особено за младите, овозможува креирање нови работни места и семејни бизниси”, нагласи Хусеjин, потенцирајќи дека токму занаетчиството и малите и средните претпријатија се движечка сила на секоја пазарна економија.Преку квалитетни стручно образовани и оспособени занаетчии со знаења, компетенции и вештини кои нудат квалитетни занаетчиски производи и услуги според потребите на пазарот на трудот, се придонесува до зголемување на работните места и се подобрува ефективноста и конкурентноста на економијата. 

“Токму затоа, Министерството за труд и социјална политика од 2007 година започна со реализација на Програмата за Самовработување преку која со грант во висина од 3.000 евра во денарска противвредност, во опрема и репроматеријали, се овозможува отворање на нови бизниси. Во периодот од 2007 до 2013 година од вкупно 5.835 ново регистрирани бизниси, 934 се регистрирани занаетчии. Исто така, во 2014 година во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување се воведе пилот Програмата “Инкубатори за занаетчии“. Целта на програмата е намалување на невработеноста и отворање нови работни места од областа на занаетчиството, преку формализирање или основање на сопствени бизниси и нивно здружување во заеднички просторни капацитети (инкубатор), со цел обезбедување на поволни услови за нивен раст. Програмата се реализираше преку обука за претприемништвото, поддршка при основањето на сопствен занаетчиски бизнис  (самовработување со грант) и сместување во заеднички просторни капацитети. Се отвори инкубатор за занаетчии во кој се сместени и успешно функционираат неколку занаетчии. Корисниците беа поддржани со финансиски средства за набавка на опрема или материјали, сметководствени услуги и плаќање на закуп за работните и продажните простории од инкубаторот”, информираше државниот секретар Хусејин. 

На крајот од своето обраќање, Хусејин посочи дека и во 2015 година се планира понатамошна поддршка на занаетчиството преку Програмата за самовработување со грант и Програмата инкубатори за занаетчии.

Министерот за економија, Беким Незири, пак, рече дека максимално ќе се заложи за подобрување на условите во занаетчиството, притоа најавувајќи поголема поддршка преку обезбедување повеќе средства наредната година и донесување нов закон со кој ќе се регулира оваа дејност. 

“Ако се направи споредба на занаетчиството некогаш и сега, евидентно е влошувањето на состојбата. Во минатото се одвивало многу поинтензивно. Како ресорен министер имам обврска, во партнерство со релевантните здруженија, да дадеме придонес за подобрување на ситуацијата”, рече Незири.

Деновите на занаетчиство се организираат од 2010 година, со поддршка на германската влада и стопанската комора од Кобленц, а со цел е промовирање на занаетчиството и неговите потенцијали.