Агенции за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст  

Одредени работи од дејноста згрижување и воспитание на деца и тоа чување и нега на деца од предучилишна возраст до шест години живот, односно до поаѓање во основно училиште на повик може да врши правно лице запишано во соодветниот регистар при Централниот регистар на Република Македонија, како Агенција за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст.
Агенцијата може да обезбеди одредени работи од дејноста и тоа чување и нега на деца на возраст над 6 години, односно од поаѓање во основно училиште  до 10 години живот на повик.

Агенцијата за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст може да врши одредени работи од дејноста  згрижување и воспитание само во  Република Македонија, под услов тие работи да ги врши како единствена дејност.

Агенција  за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст може да основа домашно правно и физичко лице.  

 Доколку основач е правно лице треба да:

  • располага со соодветен  канцелариски простор и опрема за работа;
  • располага со листа на лица кои ќе бидат ангажирани  како стручен кадар;
  • не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност;
  • на овластеното лице на правното лице  да не му е изречена казна со правосилна судска пресуда со која е осудено за кривично дело за семејно насилство, одземање на малолетно лице, негрижа или злоставување на малолетно лице или родосквернавење, за кривично дело од групата на дела против половата слобода, без оглед на изречената санкција и кај кое во согласност со законот е утврдено дискриминаторско однесување.


 Доколку основач е физичко лице  треба да:

  •  е државјанин на Република Македонија;
  • има најмалку  четири годишно средно образование;
  • располага со соодветен  канцелариски простор и опрема за работа;
  • располага со листа на лица кои ќе бидат ангажирани  како стручен кадар;
  • не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност и
  • не му е изречена казна со правосилна судска пресуда со која е осудено за кривично дело за семејно насилство, одземање на малолетно лице, негрижа или злоставување на малолетно лице или родосквернавење, за кривично дело од групата на дела против половата слобода, без оглед на изречената санкција и кај кое во согласност со законот е утврдено дискриминаторско однесување. 

Лицето  ангажирано од агенција за давање услуги  за чување и нега на деца од предучилишна возраст  потребно е:

  •  да има најмалку средно образование и важечка лиценца за неговател;
  • да не му е одземено вршењето на родителско право;
  • да има општа и посебна здравствена способност;
  • да не му е одземена или ограничена деловната способност;
  •  да не му е изречена казна со правосилна судска пресуда со која е осудено за кривично дело за семејно насилство, одземање на малолетно лице, негрижа или злоставување на малолетно лице или родосквернавење, за кривично дело од групата на дела против половата слобода, без оглед на изречената санкција и кај кое во согласност со законот е утврдено дискриминаторско однесување.

Барањето за вршење на одредени работи од дејноста  згрижување и воспитание на деца и тоа чување и нега на деца од предучилишна возраст до шест години живот, односно до поаѓање во основно училиште на повик правното односно  физичкото лице го поднесува до Министерството.

Кон барањето за издавање решение за вршење на одредени работи од дејноста  згрижување и воспитание  на децата се поднесува програма за начинот на вршење на  работите.

Агенција за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст може да отпочне со работа одкако откако ќе се констатира дека се исполнети условите за работа на подносителот на барањето и му е  издадено  решение  за вршење на работите.

 Против решението може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

По донесување решение агенцијата  за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст се запишува во соодветниот регистар на Централниот регистар на Република Македонија со што агенцијата  за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст се стекнува со својство на правно лице.

Давањето услуги  од стана на агенцијата се врши на повик на барателот (родител или старател на дете) и може да се врши во домот на барателот или како придружба на корисникот на услугата.

Времето, местото и начинот на давањето на услугите се определува при ангажирањето на лицето од страна на барателот што се регулира со меѓусебен договор.

Лицата кога се ангажирани  на повик задолжително  носат службена легитимација.

Агенцијата одговара за настанатата штета која е причинета од вработен кој дава услуга на повик,  во согласност со закон.