Сместување и прием на деца во детска градинка  

Во детските градинки се обезбедува згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст. Јавната детска градинка може да обезбедува престој и исхрана и за деца над шест годишна возраст, односно од поаѓање во основно училиште до десет години возраст.

За децата кои не се опфатени со згрижување и воспитание во детската градинка може да се организираат и други скратени вонинституционални форми за згрижување и воспитание согласно со Законот за заштита на децата.

Јавна детска градинка запишува и прима деца во свои програми врз основа на пријави преку целата година. Родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од педијатар за здравствената состојба на детето, односно наод и мислење од соодветна стручна институција за дете со пречки во интелектуалниот или физичкиот развој.

Детската градинка заради зачувување и унапредување на здравјето на децата ја следи здравствената состојба на децата и спроведува превентивни мерки за заштита на здравјето на децата. Детската градинка има обврска во случај на појава на нарушување на нормалната здравствена состојба да го извести родителот на детето, а во случај на поголем број на заболени деца, веднаш да ги извести соодветната здравствена установа и Министерството за труд и социјална политика.

Во детската градинка активностите се изведуваат на македонски јазик и кирилично писмо. За децата припадници на другите заедници, воспитно-образовните активности во детските градинки се изведуваат на јазикот на соодветната заедница.

Јавната детска градинка организира згрижување и воспитание и на деца со пречки во интелектуалниот или телесниот развој, сообразно на видот и степенот на попреченоста. Згрижувањето и воспитанието на деца од предучилишна возраст се остварува во рамките на создадената мрежа од 184 објекти на 51 Јавна установа за деца -детски градинки во Републиката со проектиран капацитет за престој на околу 25000 деца, односно опфат на околу 11% од генерациите деца до 7 години возраст.