Министерот Спасов во обиколка на поплавените места

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги посети поплавените населени места во општината Чешиново-Облешево и со претставници од општинскиот центар на Кочани го посетија населеното место Чифлик каде што поплавите предизвикаа големи штети.

“Посетивме неколку најзагрозени семејства и се интересиравме што им е најпотребно во овие моменти”, истакна министерот Спасов.

Тој додаде дека меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Кочани со свои екипи ќе ги посетат најзагрозените семејства и ќе направат увид во настанатата состојба.

Исто така, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги посети и  најкритичните села во Струмичкиот регион зафатени од поплавите и притоа информираше дека и вработените во центрите за социјални работи вршат интензивна посета во поплавените региони.

"Ние ги детектираме потребите на поплавените семејства  со цел да им помогнеме и да ги снабдиме со потребните материјали, храна, облека, покуќнина и се она што им е потребно. Дополнително, апелирам до жителите во поплавените места да се вклучат во  помошта на армијата, да не дозволиме поголеми штети", рече Спасов.