“Обука на работно место со субвенционирано вработување за 476 лица од ранливи категории”

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски на конференција за медиумите информираа за мерката “Обука на работно место со субвенционирано вработување”, од Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активните програми и мерки за вработување за 2015 година. 

Целта на оваа мерка е стекнување на стручни знаења и вештини за извршување на работните задачи и поттикнување вработување на евидентирани невработени лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот таканаречени ранливи категории на невработени лица.Оваа програма е комбинација од стекнување стручно знаење и вештини за подобрување на продуктивноста на поединците и финансиска поддршка – субвенција  за нивното вработување. За оваа програма се обезбедени 63.000.000,00 денари од Буџетот на Република Македонија.  

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информираше дека предвидениот опфатот на корисници се 476 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

“Приоритет ќе имаат следните категории на невработени лица:

 -лица на возраст 50-55 години, лица со основно образование и помалку

-корисниците на социјална помош 

-млади лица до 29 години со ниски квалификации, 

-жртви на семејно насилство,

 -деца без родители и родителска грижа, 

-бездомни лица, поранешни корисници на дрога,

-родители на деца на улица, самохрани родители, Роми,

-невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку 1 година,

-млади невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку 6 месеци, родители на деца со пречки во развојот

-како и родители на 3 и повеќе деца”, рече министерот Спасов и продолжи:Обуката на работното место ќе трае три месеци. Работодавачот е должен да ја спроведе програмата врз основа на претходно подготвен план за обука и на учесниците во обуката да им издаде потврда за спроведената практична обука. Обучуваните лица ќе добијат 6.200,00 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. По завршување на обуката на работното место, работодавачот е обврзан да ги вработи сите обучени лица за што ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка за бруто плата во износ од 19.000,00 денари месечно за период од 6 месеци со полно работно време од кои 14.000,00 денари за невработеното лице и 5.000,00 денари ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. Работодавачот има обврска да го задржи на работа субвенционираниот работник во следните 12 месеци и да не го намали бројот на вработените на неопределено време”, заврши Спасов информирајќи за мерката “Обука на работно место со субвенционирано вработување”.

Со оваа мерка предвидено е да се опфатат 142 млади невработени лица активни баратели на работа, за што се издвоени 19.000.000 денари.Тој ги повика сите невработени активни баратели на работа коишто ги исполнуваат условите да се пријават за мерката бидејќи таа ќе биде од нивна корист. Огласот за оваа мерка е отворен од сега па во текот на целата година.