Демант на написот објавен на порталот Курир под наслов: “Ташевска -Ременски отворено ја лаже јавноста” на 20 февруари 2016 година

Во врска со написот објавен на порталот Курир под наслов: “Ташевска -Ременски отворено ја лаже јавноста” на 20 февруари 2016 година, сметаме дека јавноста треба да знае кој всушност лаже!

Токму затоа, во продолжение хронолошки ќе ги наведеме фактите од кои причини и зошто се уште не е објавена тендерската постапка за изградба на Дом за стари лица во Општина Гази Баба.

Имено, на ден 30.9.2015 година, до Владата на Република Македонија испратена е Информација со акциски план за изградба на јавни установи за социјална заштита на стари лица со капацитет за 510 лица во три фази на реализација во Град Скопје со арх.бр. 10-8822/1 . 

Согласно со Информацијата во: 

ПРВА ФАЗА - планирано е да биде изграден објект со капацитет од 170 легла –  2016/2017 година;

ВТОРА ФАЗА – планирано е да биде изграден објект со капацитет од 170 легла крај на 2018 година; 

ТРЕТА ФАЗА - планирано е да биде изграден објект со капацитет од 170 легла крај на 2019 година; 

Врз основа на доставената Информација добиен е негативен заклучок од страна на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој при Владата на Република Македонија (арх. бр.16.20/75 од 14.10.2015 година), во која е наведено усно изнесеното мислење на Министерството за финансии кое е: “Негативно со оглед на фактот што доставениот проект не е опфатен со Програмата за работа на Владата на Република Македонија и за оваа намена не се обезбедени средства со Предлог Буџетот на Република Македонија за 2016 година”.

Добиено е и писмено мислење од страна на Министерството за финансии, во кое е нотирано дека за реализација на секоја од фазите потребни се финансиски средства во износ од 20.000.000 денари годишно, со укажување сите предвидени активности да се обезбедат во рамки на одобрениот Буџет на Министерството за труд и социјална политика за соодветната година. Овие средства претходниот министер воопшто не ги испланирал во Буџетот на министерството за 2016 година.

Исто така, добиен е заклучок од страна на Владата на Република Македонија одржана на 20.10.2015 година, со која се прифаќа Информацијата и акцискиот план за изградба на дом за стари лица, и се задолжува Министерството за труд и социјална политика во рок од 4 месеци до Владата на Република Македонија да достави информација за одобрување на повеќегодишна јавна набавка за изградба на наведената установа. Се прашуваме како е возможно Владата да донесе еден ваков заклучок без притоа некој да не предвиди средства во Буџетот за оваа намена. Во заклучокот уште стои и дека Министерството за транспорт и врски со Единиците на локалната самоуправа на Град Скопје до јуни 2017 година  треба да изнајдат локации за изградбата на објекти во втората и третата фаза.  

Со наведениот заклучок, исто така, се препорачува на Општина Гази Баба да предвиди средства за соинвестирање за отворање на Дом за стари лица во оваа општина што до овој момент не е направено, или пак Министерството не е информирано. 

Врз основа на заклучоците од 113 седница на Владата на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика испрати барање до Општина Гази Баба (арх.бр.10.746/1, на 27.01.2016 година) заради навремено спроведување на планираните активности да се обезбедат следните податоци:

- Број на имотен лист и број на катастарска парцела која е предвидена за изградба на дом за стари лица;

- Површина и местоположба на парцелата и дали истата е впишана во ДУП и

- Општина Гази Баба да ја разгледа можноста, МТСП како инвеститор на градбата на домот за стари лица, да биде ослободено од плаќање на комуналните такси.

Министерството за труд и социјална политика на ова барање упатено до Општина Гази Баба се уште нема добиено одговор за да може непречено да продолжи со реализација на акцискиот план.

Инаку, од активностите од првата фаза, во врска со постапката за изградба на Јавна установа, Дом за стари лица во Општина Гази Баба, Министерството има склучено договор за изработка на техничка – проектна документација, согласно со која е изработено идејно решение. По одобрување на идејното решение во рок од 60 дена ќе треба да се изработи и основниот проект за изградба на јавната установа.

До Владата на Република Македонија, испратена е уште една Информација  за прогрес на активностите за изградба на јавна установи за социјална заштита на стари лица со капацитет за 510 лица во три фази на реализација во Град Скопје (арх.бр.10-100/1 од 08.1.2016 година). 

На ова повторно се јавува со свое мислење Министерството за финансии (арх.бр 10-100/4 од 25.01.2016 година) во кое се наведува дека со оглед на тоа дека започнувањето со градба е планирано  за јуни/јули 2016 година, а во Буџетот на Министерството за труд и социјална политка за 2016 година не се планирани средства за оваа намена, Министрстово за финансии укажува на потребата надлежното министерство (МТСП) да ги квантифицира иницијалните потребни средства и начинот на обезбедување на истите.

Исто така, од страна на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој, до Владата на Република Македонија е доставен Извештај со кој се одложува разгледувањето на Информацијата со акциски план за изградба на дом за стари лица. И покрај ова, Министерството за труд и социјалнаполитика врз основа на направените проценки изготви предлог Информација за одобрување на повеќегодишна јавна набавка за изградба на дом за стари лица со пресметка за изградба на јавна установа Дом за стари лица во Гази Баба по години која што би изнесувала:

 -12.200.000,00 денари во 2016 година,

- 20.000.000,00 денари во 2017 година и

- 30.000.000,00 денари во 2018 година.

Со оглед на сето горе наведеното прашуваме зошто некој иако имал обврска да предвиди средства во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2016 година за изградба на Дом за стари лица истото не го направил? И не само теа, сега истото тоа лице тврди дека овој министер ја кочел изградбата на Домот? Најголемата кочница во моментов е немањето на средства предвидени за оваа намена, заради што се и негативните мислења и укажувања од страна на Министерството за финансии. 

Доколку Министерството за финансии и Владата на Република Македонија целосно стојат зад реалзиацијата на овој проект ги повикуваме веднаш да обезбедат средства од Буџетот на Република Македонија со што директно ќе се овозможи имплементацијата на акцискиот план и на повеќегодишната јавна набавка за изградба на Дом за стари лица, со што пак, на дело ќе ја покажат нивната грижа кон старите лица. 

Исто така, јавно ја повикуваме и Општина Гази Баба конечно писмено да одговори на барањето на Министерството за труд и социјална политика доставено на 27 јануари 2016 година.