Министерката Ташевска-Ременски ја посети градинката „Гонџа“ во состав на „Јахја Кемал“

Министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски ја посети приватната детска градинка „Гонџа“, организирана како организациона единица во состав на ПСУ „Јахја Кемал“-Македонија, а која започна со работа во ноември 2015 година. 

На средбата со генералниот директор  на ПСУ “Јахја Кемал”- Македонија, Мухамед Бахче, министерката беше запознаена со работењето на оваа образовна установа, посебно со начинот на функциорањето на градинката и процесот на воспитание и образование кој се спроведува во истата.

Воедно, таа направи и обиколка на приватната детска градинка „Гонџа“, која што располага со три простории наменети за занимални, една просторија за игровни активности, една просторија за јадење, дистрибутивна кујна, три административни простории (за раководител, за медицинско лице и работна просторија за вработени) и тоалети за возрасни и за деца. Исто така, располага и со голема комуникациска просторија, како и со надворешен простор целосно безбеден за непречена игра на децата.

Вкупниот број на вработени, заедно со воспитно образовниот, згрижувачкиот и раководниот кадар и техничкиот персонал, изнесува 10 лица, а развојот на децата е под постојан надзор на педагог и психолог кои во зависност од јазикот на кој детето зборува го следат психолошкиот развој на децата и  со нив разговараат и ги забележуваат сите настанати промени кај децата.

Моментално во градинката се згрижени 31 дете на возраст од 3 до 6 години. Децата се поделени во три воспитни групи. Во две од групите наставата се одвива на македонски наставен јазик, додека во една група на албански јазик. 

Како основа за наставна програма е програмата за Ран детски развој, додека во активностите кои се работат со децата се употребуваат методи од програмите: Чекор по чекор, Мозаик, Монтесори, Кембриџ и груги современи методи кои се во согласност со напредокот на модерната педагодија и задоволување на потребите за развој на децата. Карактеристично за градинката е тоа што децата уште од најмала возраст се внесуваат во системот на учење со други професори, имаат три часа по англиски јазик и два часа по физичко воспитание. Сето тоа е со цел да им се олесни патот на децата кон понатамошниот образовен тек и успешно да се адаптираат при тргнување во училиште.

Веќе од септември за новата учебна година во план е проширување на капацитетите за прифаќање на деца од најрана возраст, па се до тргнување во училиште. Исто така се планира и збогатување на наставната програма, особено со активности кои ќе овозможат кај децата да се развијат специфични особини и вештини. 

Министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски и генералниот директор на ПСУ “Јахја Кемал”- Македонија Мухамед Бахче начелно се договорија и за подготовка и потпишување на Меморандум за соработка со кој би се подджрувале проекти и програми за унапредување и развој на ранливите категории.