Работна средба на Ташевска-Ременски со претставниците на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски оствари работна средба со претставниците на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ) во којшто членуваат седум национални сојузи на лицата со инвалидност: Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Република Македонија Мобилност, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост Порака, Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Националната федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Македонија, т.е. Македонскиот олимписки комитет и Националниот сојуз на инвалиди на трудот на Република Македонија.

Цел на работната средба беше потпишување на годишните договори за нивно финансирање согласно со Законот за инвалидски организации во делот на распределбата на средствата од страна на Министерството за труд и социјална политика врз основа на претходно доставени програми од страна на овие субјекти и Законот за игри на среќа и забавни игри со којшто е уредено средствата остварени при уредувањето на игрите на среќа и забавни игри како приход на Буџетот на Република Македонија да се користат за финансирање на националните инвалидски организации и нивните општински здруженија. 

Покрај тоа, на средбата стана збор и за досегашните активности на секоја Национална инвалидска организација поединечно која што ги претставува лицата со определен вид и степен на инвалидност, но нивните заеднички активности се насочени кон стекнување на еднакви заеднички и посебни потреби. 

Исто така, на средбата беше потенцирано дека мора да има организираност и координираост од двете страни како што е НСИОМ, МТСП и останатите релевантни субјекти со цел да се дејствува во сите сфери на животот на лицата со одредена инвалидност, посебно на полето на образованието, пристапноста, отстранувањето на архитектонските бариери, здравството, вработувањето, социјалната заштита, културниот живот, спортско-рекреативните активности, одмор и закрепнување на членовите итн. 

Поради специфичните потреби на членовите на секоја инвалидска организација поединечно беше констатирано дека секоја од нив треба да биде оспособена да ги реализира специфичните потреби, како што се: набавка на помагала на своите членови, обезбедување на придружник, обезбедување на толкувачи на знаковен јазик, да ги оспособува членовите за ориентација и социјална интеграција, отстранувањето на архитектонските бариери, посредувањето при вработување на лицата со инвалидност, покренување на иницијативи за унапредување на социјалната заштита и правата на лицата со инвалидност, грижа за семејството, потребите од организирани културно-спортски и рекреативен живот, решавање на секојдневните животни проблеми со кои се судруваат лицата со инвалидност.