Министерот Спасов во работна посета на Република Хрватска 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов е во работна посета на Република Хрватска при што оствари средба со министерот за труд и пензиски системи, Мирандо Мрсиќ. Министрите Спасов и Мрсиќ разговараа за процесот на вработување на лица со инвалидност и новиот закон за професионална рехабилитација и вработување на лица со инвалидност во Република Хрватска.

 

Воедно на средбата се разменија мислења за намалување на невработеноста, политиките, активностите и мерките кои се преземаат во Македонија и во Хрватска кои се преземаат за поттикнување на вработувањето на младите лица, како и намалувањето на сивата економија.Министерот Спасов од својот колега беше информиран за пензиските реформи во Република Хрватска, особено за промените во системот од демографски аспект и одржливост на првиот пензиски столб и реформите во вториот пензиски столб.

На средбата министерот за труд и социјална политика Диме Спасов предложи да се склучи Договор за меѓусебна соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за труд и пензиски системи на Република Хрватска во однос на размена на искуствата во преговорите за пристапување во ЕУ за поглавје 02- Слободно движење на работниците и поглавје 19 Социјална политика и вработување во делот за вработување.

Тема на дискусија беше и имплементацијата на Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Република Хрватска, кој што се применува од 1 ноември 1997 година. Ова е прв договор на две поранешни југословенски држави во областа на социјалното осигурување и во изминатиот период од 14 години на негова примена може да се заклучи дека има големи придобивки за граѓаните на двете држави.

Имено, Договорот содржи одредби за собирање на периодите на осигурување во двете држави, остварување на право на старосна, семејна и инвалидска пензија,  право на здравствено осигурување, лично и за членовите на семејството, надомест за повреда при работа  и професионална болест, избегнување на двојно оданочување односно плаќање на социјални придонеси во исто време во двете држави, право на детска заштита и друго.

Според евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Република Македонија исплаќа пензии на 621 граѓанин коишто живеат во Република Хрватска, а хрватскиот фонд исплаќа пензии на 1583 граѓани коишто живеат во Република Македонија.