Објавени повиците за Субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години-прва шанса, Обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување и Обука за побаруваните занимања на пазарот на трудот од сообраќајна струка

 

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски информираа за три мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и тоа за програмата за Субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години-прва шанса, Обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување и Обука за побаруваните занимања на пазарот на трудот од сообраќајна струка.

 

Министерот Спасов потенцираше дека за справување со невработеноста, потребен е системски и реален приод кон оваа појава,  создавајќи можности  за што е можно повеќе целни групи на невработени.

“Токму затоа, Владата на Република Македонија постојано настојува да креира нови мерки и активности со цел зголемување на вработеноста кај младите лица. Имено, во новиот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување за 2014 година за првпат се воведува мерката субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години ПРВА ШАНСА. Целта на оваа пилот- мерка е да обезбеди на дипломираните млади лица коишто завршиле високо образование во студиската година 2012-2013 и се невработени лица и активни баратели побрз премин од образовниот процес до вработување” информираше министерот Спасов.  

За реализација на оваа мерка предвидени се 1.170.000,00  денари  од буџетот на Република Македонија. Поддршката ќе се обезбеди преку субвенционирање на вработувањето по моделот 3+6, кој предвидува 3 месеци субвенционирано вработување со полно работно време и 6 месеци обврска на работодавачите да го задржи на работа или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на невработени лица на АВРМ со тоа што приоритет ќе имаат невработените лица коишто завршиле практична настава кај соодветниот работодавач. Месечниот износ предвиден за исплата на бруто плата изнесува 13.000,00 денари. 

“Сакам да истакнам дека намалувањето на невработеноста, подразбира и прифаќање на потребите на пазарот на трудот, во смисла што се бара и очекува да се поседува како вештина или компетенција. Вработливоста подразбира континуирана професионална наградба покрај формалното образование. Оттука како министерство и агенција за вработување инсистираме на поврзување на оние коишто бараат работа, но имаат потреба од вклучување во праксата и работодавачите. 
Во овој контекст   најавуваме две нови мерки  и тоа обука  кај познат работодавач со субвенционирано вработување и обука за побаруваните занимања   на пазарот на трудот од сообраќајната струка за кои денес излегува јавен оглас,, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и продолжи:

“Целта на првата  мерка обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување е 170 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа во АВРМ да стекнат дополнително ниво на знаења и вештини согласно утврдени потреби за работни места и да ја поттикне побарувачката за вработување.За реализација на оваа мерка предвидени се 9.537.000,00 (милиони) денари  од буџетот на Република Македонија”. 

Министерот Спасов уште информираше дека приоритет за вклучување во оваа мерка ќе имаат: лица на возраст од 50-59 години, млади лица до 29 години со завршено основно или средно образование и долгорочно евидентирани невработени лица. Работодавачот заинтересиран да учествува во оваа мерка, не смее да го намали бројот на вработени на неопределено време 6 месеци пред објавувањето на јавниот оглас се до склучување на договорот за субвенција.
“Подготовката за вработување трае до 3 месеци, со обврска работодавачот да вработи со полно работно време најмалку 50% од вклучените лица во обуката. Работодавачот ќе биде обврзан да достави план/програма за обука, според однапред подготвен образец. Висината на паричните средства за невработеното лице, односно работникот вклучен во подготовката за време на обуката изнесува 5.700,00 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување”, рече Спасов.

По завршување на обуката, за лицата кои ќе бидат вработени ќе се обезбеди субвенција преку финансиска поддршка за бруто плата во износ од 13.000,00 денари месечно, во период од 3 месеци. Работодавачот има обврска лицето да го задржи на работа во наредните 12 месеци по истекот на периодот на субвенција, или на негово место да вработи друго лице од истата целна група. Лицата кои нема да бидат вработени, а успешно ќе ја завршат обуката, ќе добијат потврда од страна на работодавачот за реализираната практична обука.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информираше и за пилот мерката обука за побаруваните занимања на пазарот на трудот од сообраќајната струка. 

“Лицата кои успешно ќе ја завршат обуката, ќе се стекнат со право да полагаат за возачки испит во лиценцирани испитни центри. Лицата кои ќе се здобијат со возачка дозвола за категорија „Д“ три месеци по полагањето на возачкиот испит, ќе имаат можност да се вработат кај заинтересирани работодавачи, за повеќе детали ќе образложи директорот. За сите овие мерки распишани се јавни повици кои траат до 26.2.2014” информираше Спасов и потенцираше:

“Околностите наметнуваат постојано да се размислува за нови начини со кои за секоја категорија на  невработени лица ќе се отворат можности за вработување. Не постојат инстант решенија ниту еднократно решавање на овој долгорочен проблем. Но,  наша задача е системски да ја намалуваме невработеноста, а невработените лица да вложуваат во себе постојано, и да ги прифаќаат можностите кои државата ги нуди”.