Потпишaн Двегодишен работен план за Ран детски развој 2014-2015 година 

 

Mинистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и претставникот на УНИЦЕФ за Македонија, Бертран Демулен потпишаa Двегодишен работен план за Ран детски развој 2014-2015 година.

„Поаѓајки од значењето  на правата на децата, нивниот правилен развој и едукација, денеска потпишавме  двогодишен договор за соработка со УНИЦЕФ во доменот на предучилишно образование или раниот детски развој за поддршка на активности во насока на реформи во секторот со цел овозможување на пристап на сите деца од рана возраст кон квалитетно предучилишно образование, и тоа особено за најмаргинализираните деца“ рече Спасов.

Во 2013 година беше направен голем исчекор во реформите на предучилишно образование - се измени и усвои Законот за детска заштита и се усогласи со европското законодавство и најдобрите меѓународни практики во  раниот детски развој. Законот отвори големи можности за зголемување на пристапот кон предучилишно образование преку овозможување на различни основачи и различни форми на опфат. 

„Во минатото, само општините можеа да основаат детски градинки, а со новиот закон таа можност е дадена и на приватниот сектор, на невладините организации и на физички лица.  Градинките беа единствена форма на опфат, а со новиот закон се предвидоа и други поисплатливи и поефикасни форми на опфат, како што се на пример центрите за ран детски развој кои се алтернативи на градинките во руралните средини.

Законот, исто така ги воведе Стандардите за рано учење и развој како основа за работа со децата, но, исто така предвиде механизми за обезбедување на квалитет, како што е лиценцирањето, професионалното усовршување на воспитувачкиот кадар, инспекцијата и така натаму.

Резултатите од овие реформските зафати веќе се очигледни. Во 2013 година имаме опфат од 34% на деца на возраст од 4-6 години споредено со 2005 година кога опфатот беше само 11 %. Со поддршка на Владата на Република Македонија во 2013 година, се отворија 13 градинки во рурални средини, а 6 градинки беа отворени во приватниот сектор и уште 14 центри за ран детски развој со пододршка на УНИЦЕФ. Се инвестираше во многу обуки на кадарот за реализација на реформите во градинките“ посочи Спасов.