Транспарентност во рангирањето на апликациите од процесот на вработување на 300 лица со инвалидност 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски, го презентираа рангирањето на апликациите од процесот на вработување на 300 лица со инвалидност на неопределено време за 2014 година пред  националните инвалидски организации.






Во изјава за медиумите, Спасов потенцираше:“Токму денес пред претставниците на националните инвалидски организации, на општо задоволство,  го презентираме рангирањето на апликациите од процесот на вработување на 300 лица со инвалидност на неопределено време за 2014 година.  Овој процес беше заснован на однапред утврдени критериуми, во чие осмислување учевствуваа  нашите партнери,  националните инвалидски организации. Концептот на огласот темелно се засноваше на вработување на долгорочно невработени лица со ниски примања, лица  кои се во тешка материјална и финансиска состојба, самохрани родители или пак семејства во кои има повеќе членови со инвалидност”.

Со овој проект преку јавниот оглас ќе се вработат вкупно 300 лица со инвалидност: од кои (160)  работници со ниско образование, односно ниска квалификација, (100) лица со средно и вишо образование, (40) лица  со високо образование. 

На огласот конкурирале вкупно 1826 лица, од кои 1069 невработени лица со инвалидност кои ги исполнуваа критериумите и условите од конкурсот, и тоа: лица со оштетен вид (слабовидни и слепи), лица со оштетен слух (наглуви и глуви),  лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, лица со телесна инвалидност (тешка и потешка телесна инвалидност), лица со пречки во интелектуалниот развој (лесни и умерени пречки), лица со комбинирани пречки и инвалиди на трудот , кои што немаат засновано работен однос и кои што поради степенот на инвалидност имаат специфични потреби во работењето и се работоспособни, врз основа на наод и мислење од надлежен стручен орган или Комисија за оцена на работната способност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

“Би сакал најкратко да го образложам и процесот на евалуација, рангирање и селекција на потенцијалните кандидати кои  апликацираа, од кој може да се установи максималната одговорност, транспарентност и релевантност која ја покажавме во носењето на одлуката. Најпрво сите апликации беа три пати проверени од страна на различни меѓуресорски стручни комисии и беа внесени во посебен  електронски систем кои специјално беше изработен за овој проект, за  потоа  да биде формирана  лекарска комисија со стручни доктори кои имаа задача да ги проверат наодите и мислењата за инвалидност на сите апликанти и да утврдат кои се во ред и уредни а кои се неуредни документи (2 пати се правеше проверка на медицинската документација). Сите апликанти што имаат уредна медицинска документација (наод- мислење) беа  проверени во АВРМ во однос на тоа дали се вработени односно дали имаат засновано работен однос  или се невработени лица кои немаат засновано работен однос. Системска проверка се вршеше и преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување  во однос на утврдување на период на невработеност.Податоците на апликантите беа проверени во УЈП во однос на личните приходи  и приходите на нивните семејства, а посебна владина комисија  изврши проверка на внесот на апликациите во електронскиот систем посебен софтвер преку кој без учество на човечки фактор се направи бодување и рангирање врз основа на критериумите и условите во огласот, односно периодот на невработеност, личните и семејните приходи, видот и степенот на инвалидност”, рече Спасов.

Во прелиминарната листа се опфатени: 46 лица со оштетен вид (слабовидни и слепи), 40 лица со оштетен слух (наглуви и глуви), 2 лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, 60 лица со телесна инвалидност (тешка и потешка телесна инвалидност), 73 лица со пречки во интелектуалниот развој (лесни и умерени пречки), 32 лица со комбинирани пречки и 47 инвалиди на трудот. 

“Сакам уште еднаш  да потенцирам дека бодувањето и рангирањето е правено максимално транспарентно, без учество на човечки фактор, електронски со посебен софтвер врз основа на податоците од апликациите кои се проверени и потврдени преку системите на државата со единствена цел а тоа е да се даде шанса и да се вработат оние кои се во најтешка положба согласно критериумите и условите во самиот конкурс. За успешноста, важноста и добродетелноста на овој проект говорат и фактите дека преку овој проект  ќе се вработат и лица кои повеќе од 20, 30 па и повеќе години се невработени и немаат никакви приходи”, потенцираше Спасов. 

“Потенцирам дека при изборот за вработување се водеше сметка за принципот за еднаква и правична застапеност на заедниците во Република Македонија, при што изборот се вршеше врз основа на  застапеноста на видот и степенот на инвалидност според бројот на поднесените барања на овој оглас. Во овој случај застапеноста на лицата со инвалидност е  во зависност од поднесените барања од кандидати со ист вид и степен на инвалидност, при што најголем број на работни места добија лицата коишто поднесоа најмногу барања од ист вид и степен на инвалидност.
Ве информираме дека ова е прелиминарна листа на лица кои ги  исполнуваат условите за овој оглас ќе биде објавена на веб страните на ЈП Македонски Шуми и МТСП. Апликантите  кои не се дел од прелиминарната листа, и кои нема да добијат одлука за избор, имаат право да поднесат жалба до ЈП Македонски шуми при што жалбите детално ќе бидат  разгледувани и проверувани од повеќе стручни комисии. Откако ќе поминат роковите за обжалување и кога ќе се утврди финалната листа на примени кандидати, истите ќе започнат со работен однос  во рок од 4 до 6 месеци во државната и јавната администрација за кои се обезбедени работни места. Распоредувањето ќе се реализира по претходно утврдени потреби од страна на институциите и според способностите и квалификациите на лицата со инвалидност утврдени со мислење на надлежна комисија. При распоредувањето на избраните кандидати ќе го имаме во предвид наодот и мислењето на Комисијата за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветно работно место”, нагласи Спасов.

“За првпат во историјата на независна Македонија се дава ваква можност на лицата со инвалидитет и за првпат се реализира програма за вработување со која го олеснуваме  пристапот до пазарот на трудот и решаваме едно од клучните прашања за нив, а тоа е животното прашање. 

Ги охрабрувам и приватните субјекти да почнат да размислуваат во насока на отворање на можности за вработување на овие лица и искрено се надевам дека ќе го следат примерот на Министерството за труд  социјална политика и на Владата на Република Македонија и ќе им дадат шанса да ги покажат своите способности и можности кои несомнено ги имаат. Грижата за достоинството на лицата со инвалидитет е наш  заеднички успех и мотивација да ја градиме иднината, ние и понатаму ќе продолжиме да релизираме низа проекти за подобрување на положбата на овие наши граѓани!”, заврши Спасов.