Затворен проектот “Oд норма до пракса”


Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Муедин Кахвеџи, денес се обрати на завршната конференција за презентација на активностите спроведени и резултатите од проектот “Од норма до пракса“ во партнерство со Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, Македонскиот центар за меѓународна соработка и Комисијата за заштита од дискриминација, со поддршка од Европската Унија преку ПРОГРЕС Програмата (2007-2013).


“Принципите за  почитување на човековите права, еднаквост и недискриминација на граѓаните во Република Македонија е едно од основните начела на демократијата загарантирани со Уставот и законите како едни од најважните вредности и приоритети на државата. Уставот на Република Македонија гарантира дека „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло и верското уверување, имотната и општествената положба“, рече  Кахвеџи.

Тој потенцираше дека овие  уставни одредби се елаборирани и во повеќе закони: Законот за еднакви можности на мажите и жените, Законот за спречување и заштита од дискриминација,  и други закони  од областа на семејното и работното законодавство, коишто ја регулираат забраната за дискриминација  каде  на  сеопфатен начин се третира прашањето за еднаквоста и заштитата од дискриминација и се  промовира принципот на еднаквост.

“Во таа насока, со проeктот “ОД  НОРМА ДО ПРАКСА”, финансиран од  ПРОГРЕС програмата на Европската Унија, Министерството за труд и социјална политика продолжува со политиката за промовирање на концептот на еднаквост и недискриминација. Активностите од овој проект се реализирани заедно со партнерите, а тоа се  Комисијата за заштита од дискриминaција,  Граѓанската организација “ПОЛИО ПЛУС–движење против хендикеп” и “Македонски центар за меѓународна соработка”.

Целите на проектот „Од норма до пракса„ се насочени кон подигнување на јавната свест за концептот на еднаквост и недискриминација како и унапредување на законската регулатива и националните механизми за заштита од дискриминација  во борбата против дискриминацијата“, потенцираше Кахвеџи.

Во своето обраќање тој посочи дека со денешниот настан,  се сака  да се претстават заложбите, преку кој  во овие изминативе 12 месеци се испрати апел до јавноста и медиумите за заеднички заложби и акции за поефективна борба против дискриминацијата, но и за остварување на еднаквоста, толеранцијата и недискриминацијата на сите рамништа и во сите области на општественото дејствување.

Преку овој проект се реализираа многу активности насочени кон подигнување на јавната свест кај генералната јавност и главните чинители за концептот на еднаквост и недискриминација. Изготвени се флаери, брошури и прирачници кои ќе им помогнат на граѓаните за препознавање на дискриминацијата, за тоа каде можат да се обратат за да побараат заштита на правата, доколку се дискриминирани. Отворена е  бесплатна линија каде што граѓаните ќе можат да пријават дискриминација, објавен е конкурс на тема Дискриминацијата низ мојот објектив.

“Целта на овој конкурс беше да се стимулира, редовно и објективно медиумско следење и согледување на дискриминацијата во државата по сите основи и нееднаквите можности за сите ранливи групи, заради поттикнување поголема свест и одговорност на целата заедница за нејзино надминување.Како институција ние секогаш ќе бидеме на истата позиција која подразбира истрајна и посветена заложба за надминување и искоренување на оваа појава, со што ја унапредуваме нашата држава како целина, и овоможуваме еднакви можности на сите и практикување еднаков третман кај кој било граѓанин. Искуството стекнато во спроведувањето на претходните политики и мерки за обезбедување на еднаквите можности, покажа дека посветеноста, соработката, партнерството и примената на начелото на партиципативност на сите чинители од економскиот, социјалниот и политичкиот живот е од исклучително значење во заложбите за постигнување на еднаквост и  рамноправност”, заврши Кахвеџи.