Проект инклузивни детски игралишта

Министерството за труд и социјална политика, како дел од својата одговорност и визија за постигнување на инклузивно општество, започна со спроведување на активности за изградба на 10 инклузивни детски игралишта  на територија на Република Македонија.

Проектот инклузивни детски игралишта подразбира оформување на простор со реквизити кои би биле достапни и за децата со инвалидитет. Имајќи во предвид дека овие деца се со потреби од различен карактер потребно е да се предвиди простор–детско игралиште кое на овие деца ќе им обезбеди безбедно да си играат, социјализираат и ќе им се овозможи поттикнувачка средина за правилен раст и развој.

Реализацијата на овој проект е во партнерство со Националниот Сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија “Мобилност Македонија“. Досега се поставени вакви игралишта на територија на Општина Ѓорче Петров и во Градски Парк во Скопје. 

Во текот на 2014 година, планирано е да се изградат ваков тип на инклузивни детски игралишта во Општина Кавадарци, Општина Прилеп и Општина Ново Село.


Дополнително во 2014 година ќе се изгради ваков тип на инклузивно детско  игралиште во дворот на Центарот за церебрална парализа во Скопје.


Во 2015 и 2016 година ќе се изградат инклузивни детски игралишта во Општина Битола, Општина Аеродром, Општина Кисела Вода и едно игралиште во близина на Дневниот центар за деца со аутизам во Скопје.