Нови мерки за нови работни места
Од 7000 евра до 23 000 евра поволен кредит со 1% камата за самовработување на млади 

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, и директорот на Македонската банка за поддршка и развој, Драган Мартиновски на конференција за медиумите информираа за мерките Проект за самовработување со кредитирање, Проект за самовработување со кредитирање на млади невработени лица до 29 години и Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места за млади лица до 29 годишна од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување 2014 година.


Новите  мерки треба да дадат значајни резултати во намалувањето на невработеноста и отворањето на нови мали бизниси и нови работни места.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов потенцираше дека преку Проектот за самовработување со кредитирање се основаа и  функционираат 2084 фирми и мали бизниси, каде што се вработени над 3150 лица, а преку Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија)  во 2013 година се вработија над 260 лица.

“Поради големиот интерес од невработените лица, Министерството за труд и социјална политика преку Агенцијата за вработување продолжува со нивното спроведување, додека, пак за младите лица до 29 години ги надградуваме овие програми и значително ги зголемуваме погодностите. Имајќи в предвид дека клучен предизвик за справување со невработеноста е нејзиното намалување кај младите до 29 години, сакам да потенцирам дека почнувајќи од оваа недела се воведува и Проектот за самовработување со кредитирање за млади невработени лица до 29 години, за кој во моментот е отворен оглас за аплицирање преку кој младите ќе можат да подигнат средства во износ од 7.000 евра до 23.000 евра по извонредно поволни услови”, рече Спасов и продолжи:

“Условите под кои може да се добијат кредитните средства се: за кредитобарателот по 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место дополнителни 4.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 23.000 евра; Како новина и исклучителна поволност на оваа мерка е: рокот на враќање на средствата кој изнесува цели 7 години (84 месеци), односно период на отплата е 66 месеци (5,5 години) и грејс период од 18 месеци (1,5 година); Каматна стапка од 1% на годишно ниво;Сопствено учество од корисникот на кредитот од најмалку 25% од износот на бараниот кредит (во вид на опрема, предмети и/или пари); Гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит, или сопствена меница авалирана од најмалку еден авалист за кој правата и обврските по однос на истата се уредени со менична изјава дадена во форма на нотарски акт и со извршна клаузула или рачен залог во однос 1:2 во износ на одобрениот кредит.”

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски ја образложи мерката   Проект кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места за млади лица до 29 годишна возраст.  Пријава може да достави правен субјект (микро и мало претпријатие) кој е регистриран најмалку 1 година, кој има најмалку 1 вработено лице минимум 3 месеци пред денот на објавување на јавниот оглас, и кој воедно не го намалил бројот на вработените во последните 6 месеци.

Пријава за учество во овој Проект може да достави и невработено младо лице до 29 годишна возраст кое е евидентирано во Агенцијата за вработување на РМ како лице кое активно бара работа (лице со статус 200) најмалку 1 ден пред објавување на Јавниот оглас, и не бил во работен однос најмалку 3 месеци до денот на објавувањето на јавниот оглас.

Кредитот ќе изнесува 4.000 евра во денарска противвредност по едно новоотворено работно место со максимален износ до 12.000 евра за вработување на 3 невработени млади лица до 29 годишна возраст. Правниот субјект кој ќе вработи невработено младо лице до 29 годишна возраст со полно работно време, има обврска да го задржи на работа најмалку 36 месеци од денот на засновање на работниот однос. Доколку дојде до прекин на работниот однос по било кој основ, работодавачот е должен на негово место да вработи друго невработено лице со полно работно време од евиденцијата на Агенцијата за вработување, во спротивно треба предвремено да го врати кредитот во целост.

Условите под кои може да се добијат кредитните средства се следните: рок на враќање на средствата е 2 години, грејс период од 1 година, каматна стапка од 1% на годишно ниво, гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит, или сопствена меница авалирана од најмалку еден авалист за која правата и обврските по однос на истата се уредени со менична изјава дадена во форма на нотарски акт и со извршна клаузула или рачен залог во однос 1:2 во износ на одобрениот кредит или банкарскагаранција.

Правниот субјект при пријавувањето должен е да:- е регистриран најмалку 1 година до денот на објавување на јавниот оглас - на денот на пријавувањето не е во стечајна постапка и ликвидација ,- ги има измирено сите даноци и придонеси; - има остварено добивка во 2013 година.

Доколку, правните субјекти по извршеното поврзување со невработените млади лица до 29 годишна возраст кои имаат доставено пријава по објавениот јавен оглас не успеат да ја задоволат својата потреба од работник со соодветен профил, Центарот за вработување ќе пристапи кон посредување со пребарување заради наоѓање на невработени лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување на РМ.

Заинтересираните невработени лица барање за кредит можат да поднесат до 18.06.2014 година, во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Република Македонија, каде што можат да добијат и подетални информации, или, пак да се информираат на веб-страната на министерството за труд и социјална политика www.mtsp.gov.mk и на Агенцијата за вработување на Република Македонија www.avrm.gov.mk. Исто така, за поедноставно презентирање на  мерките, и полесно запознавање на граѓаните со мерките, се започна и со издавање на т.н “инсертер - берза на труд” во дневниот печат, каде што се содржат подробни информации, за сите активни мерки и политики за вработување, слободни работни места и останати битни информации

Министерот Спасов ги повика сите невработени лица, особено младите до 29 години, да се обратат во Центрите за вработување и да се запознаат и да ги искористат  можностите што се нудат преку овие мерки: “Само со изразена проактивност, лично вложување и основање на сопствени бизниси можеме да ја сузбиваме невработеноста. Во тој процес, граѓаните ќе ја имаат максималната поддршка од министерството за труд и социјална политика преку логистика и отворена соработка”.