“Истражување на проценката на потребите: Регионалната ситуација со борбата против трговијата со луѓе во Западен Балкан”

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се обрати на Регионалната работилница “Истражување на проценката на потребите: Регионалната ситуација со борбата против трговијата со луѓе во Западен Балкан”. 

Тој во своето обраќање рече дека трговијата со луѓе  не е само криминална појава, туку таа  пред сè  претставува кршење на основните права на жртвите. Оваа појава има длабоки корени во социјалната сфера и остава несогледливи последици врз жртвите на трговија со луѓе, на нивните семејства, но и на државата. 

“Навременото идентификување и преземањето на соодветни мерки за заштита и надминување на траумите, ја отстрануваат можноста кај жртвите на трговија со луѓе да чувствуваат долгорочни негативни ефекти.  Затоа, справувањето со трговијата со луѓе бара спроведување на сеопфатна политика за борба против истата со координирана акција на сите релевантни институции и организации. Исто така, суштински предуслов за спроведување  превентивни ефективни мерки кои што можат да делуваат за спречување и рано препознавање на жртвите и потенцијалните жртви на овој криминал, е градењето и зајакнувањето на релевантните национални и локални  институции и професионалците кои што работаат во нив”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. 

Една од стратешките определби и приоритети на Владата на Република Македонија е развивање и подобрување на националните политики за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција. Националниот акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2013-2016 става посебен акцент на активностите за борба против трговија со деца.    

“Целта е превенција, подигање на јавната свест, јакнење на  институционалните механизми за превенција и заштита на жртвите на трговија со луѓе, како и изработка и спроведување на програми за  ресоцијализација и реинтеграција на жртвите во  општеството.

Во тој контекст,  Министерството за труд и социјална политика преку Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе, гради партнерски односи за соработка кои се клуч за заеднички успех и доверба помеѓу институциите. Оваа соработка се одвива и со меѓународните организации  и  невладиниот сектор со цел преземање на заеднички и координирани  активности”, рече Спасов и продолжи:  

 “Kонкретно, за заштита на жртвите на трговија со луѓе, министерството во  февруари 2011 година го отвори државното прифатилиште Центарот за лица - жртви на трговија со луѓе, каде што се сместуваат жртвите на трговија со луѓе, домашни државјани и странци коишто имаат добиено дозвола за привремен престој. Во Центарот се овозможува помош и заштита на жртвите на трговија во соработка со Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“, и Здружението за помош и поддршка на деца и семејства под ризик „За среќно детство“ коишто даваат директна помош и поддршка на жртвите и надлежните центри за социјална работа, односно социјалните работници вклучени во Националниот механизам за упатување”. 

Денешното презентирање на резултатите  од овој проект за состојбата со трговијата со луѓе во Западен Балкан, ќе придонесат за понатамошно дефинирање на конкретни мерки во борбата против овој организиран криминал како и превенцијата и заштитата на жртвите на трговија со луѓе  и во Република Македонија.