Oдбележан меѓународниот ден „Револуција во исхраната“

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска присуствуваше на одбележување на меѓународниот ден „Револуција во исхраната“ во ЈДГОА „Срничка“ во Аеродром организиран од фондацијата на познатиот светски готвач Џејми Оливер.

"Како Министерство за труд и социјална политика со  задоволство се вклучивме во организацијата за одбележубање на овој ден кој што се одбележува во повеќе од 70 земји во 660 градови ширум светот. Целта на манифестацијата е да се истакне важноста на здрава исхрана за правилен раст и развој на дечињата уште од најмала возраст", истакна Спасов.
Во рамките на фондацијата, рече Спасов, има посебна програма која поттикнува основање посебни „здрави корнери“ или градини во самите градинки и училишта.

"Целта на оваа програма е децата да се вклучат во самиот процес на производство односно во процесот на одгледување на зеленчук и овошје со цел уште од најрана возраст да го сфатат заначењето на здравата храна", нагласи Спасов.
Министерот најави активно вклучување на МТСП во соработка со градинките во Македонија и фондацијата на Џејми Оливер, преку формирање на, како што кажа, корнери за здрава храна.

"Планираме во септември и октомври во соработка со сите градинки, дечињата да земат активно учество и да се запознаат со  целиот процес на одгледување на зеленчук и овошје", најави Спасов.

Децата од градинката заедно со амбасадорката и министерот имаа можност да подготват еден од рецептите на Џејми Оливер наречен „Виножито“ кој се состои од овошје и зеленчук, а преку подготовката се запознаваа и со хранливите состојки на продукти кои беа употребени во здравата салата.