Спасов во работна посета на Австрија 

На 8 и 9 мај 2014 година, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов е во работна посета на Австрија, Виена при што најнапред оствари средба со сојузниот министер за труд, социјала и заштита на потрошувачи Рудолф Хундсторфер со кој што разговараа и разменија мислења на повеќе теми. При тоа, акцент ставија на размена на искуство околу квотниот систем за вработување на инвалиди во Австрија, еднаквоста и професионалната интеграција на луѓе со пречки во развојот, вработувањето на младите, како и на активните политики на пазарот на труд за лица, кои се во опасност од дискриминација.         

Покрај ова министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов  оствари средби со претставниците на австриската Агенција за вработување и на Виенското координативно тело за млади, образование и вработување при што меѓусебно се информираа за проектите коишто двете држави ги спроведуваат за обука и вработување на млади. При тоа, Спасов беше запознаен со координирањето во областа на обуката и вработувањето на младите во Виена, со коучингот на млади и образование, а беа презентирани и актуелни проекти од сојузната служба за социјала во Виена.

Исто така, беа запознаени и со понудата на услуги на Агенцијата за вработување, одделот за млади, особено во областа на активната политика на пазарот на труд, како и со интеграција на пазарот на труд на лицата со потреба од минимално осигурување.

Во текот на утрешниот ден министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов ќе оствари средби со управителот на Социјалната служба на Виена  при што ќе се разговара за алтернативните социјални служби за луѓе со пречки во развојот, кратко ќе се запознае со различните понуди на областа домување, а во план е и посета на работилници и претпријатија во кои што се вработени млади и возрасни лица со пречки во развојот.