Во посета на Вера Лича,с.Маловиште

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во придружба на градоначалникот Владимир Талески и директорот на Центарот за социјални работи, Виолета Гаџоска, денес во битолското село Маловишта ја посетија 73 годишната старица Вера Лича.

“Кога дознавме за проблемот реагиравме веднаш. Ние во соработка со градоначалникот и центарот за социјални работи во Битола интервениравме за овој случај, за тетка Вера, која е во социјален ризик и која живее во субстандардни услови, а со цел да и помогнеме да го надмине ризикот во кој што се наоѓа, но и да ги подобриме условите за нејзин живот“, посочи министерот Спасов.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов потврди дека Центарот за социјални работи во Битола повеќе пати помагал, а на Лича и било понудено и сместување во Домот за стари лица, но сепак се испочитувала нејзината одлука да остане во својата куќа.

„Со поддршка на општина Битола објектот набрзо ќе биде реновиран и Вера ќе има многу подобри услови за живот. Исто така ќе продолжиме со постојана парична помош, а ќе обезбедиме и еднократна парична помош. Куќата ќе ја опремиме преку акцијата „Се грижиме за топол дом“ со целосна опрема, мебел и покуќнина, а ќе обезбедиме и донации во храна, облека и средства за хигиена со цел целосно да го надмине ризикот во кој што се наоѓа и значително да се подобрат нејзините услови за живот“, истакна Спасов.  

Општина Битола за најкус временски рок ќе ја реконструира на куќата и ќе обезбеди нови услови за живот на осамената Вера Лича од селото Маловишта кое се наоѓа на територијата на националниот парк „Пелистер“, потврди градоначалникот Владимир Талески.

Министерот Диме Спасов и градоначалникот Владимир Талески за време на денешниот престој во селото Маловиште го посетија и Храмот „Света Петка“ изграден во 1856 година и постојаната галерија на икони во која се поместени икони од 17, 18 и 19 век.