Посвојување на дете

Согласно со Законот за семејството посвоител по правило може да биде државјанин на Република Македонија, а по исклучок како посвоител може да се јави и лице кое е странски државјанин. 

Посвојувањето од странски државјанин може да се заснова само со согласност на Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика, а согласноста ќе се издаде само ако детето не може да биде посвоено на територијата на Република Македонија.

Согласно со Законот за семејството посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години. Посвоителот мора да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. Меѓутоа, по исклучок како посвоител може да се јави и лице кое е постаро од 45 години, но старосната разлика меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница. 

Согласно со Законот за семејството посвоител не може да биде лице:
 а) на кое му е одземено или ограничено родителското право, како и лице на кое му е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеца, 
б) на кое му е ограничена или одземена деловната способност,
в) за кое постои основано сомневање дека положбата на посвоител ќе ја употреби на штета на посвоеникот,
г) кое е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој, како и лице кое боледува од болест што може да го доведе во опасност здравјето и животот на посвоеникот 
д) чија физичка попречност е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето;
ѓ) ако е постаро од 45 години; 
е) зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол; 
ж) кое има тешко хронично заболување или е болно од неизлечива заразна болест и 
з) ако мислењето на стручниот тим на центарот за социјална работа е негативно во однос на можноста тие лица да бидат родители.

Постапката за посвојување на дете започнува со поднесување на барање за посвојување до Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика, ул..Даме Груев,, бр.14, Скопје. 
Кон барањето потребно е да се приложат следниве документи:

- уверение за државјанство;

- извод од матичната книга на родените;

- извод од матичната книга на венчаните;

- лекарско уверение за здравствената и психофизичката способност да посвои дете;

- уверение дека не се лишени од родителско право;

- уверение дека не се осудувани;

- уверение дека не им е одземена деловната способност;

- уверение за материјалната состојба;

- доказ за сопственост на стан;

- потврда за завршено образование; и

- документ за месечните примања и други приходи со кои располагаат.

Сите документи треба да се однесуваат на двата брачни другари и треба да бидат доставени во оригинал или фотокопија заверена кај нотар.

Важноста на документите е една година.

Кога како подносител на барање е лице кое е странски државјанин или македонски државјанин кој живее и работи во странство, покрај горенаведените документи кои треба да бидат доставени во оригинал или фотокопија заверена на нотар и судски заверен превод на документите на македонски јазик, треба да достави и: 

-извадоци од законот на земјата на посвоителите што се однесуваатна посвојувањето и други информации и докази за да се обезбедат еднакви или подобри услови за живот и развој на детето, и

- извештај од соодветна социјална служба за способноста, за подобноста и за мотивите за посвојување, за нивното потекло, за семејната и медицинската историја, за социјалната околина, за причините за посвојување, за можноста за спроведување на меѓународно посвојување, како и за карактеристиките на децата за кои би биле во можност да се грижат.  

Комисијата за засновање на посвојување по разгледување на документите, копија од предметот доставува до центарот за социјална работа  според местото на живеење на подносителот на барањето. Центарот за социјална работа во наредните четири месеци  спроведува постапка на следење на потенцијалните посвоители, заради процена на нивната подобност и мотивот за посвојување.  

По завршување на постапката на следење, центарот за социјална работа во рок од 10 дена до Комисијата за засновање на посвојување, доставува предлог за упис во Регистарот на можни посвоители. Комисијата за засновање на посвојување во рок од 30 дена донесува одлука  за упис во Регистарот на можни посвоители, која ја доставува до центарот за социјална работа, а посвоителите ги известува дека се запипшани во Регистарот.  

Согласно со Законот за семејството изборот на посвоител за конкретно дете се прави по електронски пат. 

Поблиските критериуми и начинот на избор на посвоител по електронски пат се утврдени во Правилникот за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоителот по електронски пат (,,Службен весник на Република Македонија,, бр. 60/12).

Во Правилникот утврдени се следниве критериуми и поени:

-здравствена состојба-3 поени;

- психосоцијален статус-35 поени;

 -материјални услови-18 поени; 

-станбени услови-18 поени; 

-време на чекање-10 поени;

 -степен на образование-3 поени;

 -брачен статус-13 поени и

- државјанство-по овој критериум не се добиваат поени, туку при изборот на посвоител по електронски пат се дава приоритет на државјаните на Република Македонија. 

Максималниот број на поени кои можат да се добијат со исполнување на сите критериуми изнесува 100 поени.  

Комисијата за засновање на посвојување од увидот во документите и од податоците кои се внесени во електронската програма, врши избор на најсоодветен посвоител од првите 3 можни посвоители од листата на електронската програма, за што донесува решение согласно со Законот. 

Согласно со Законот за семејството, предвиден е задолжителен адаптивен период, кој трае од 2 до 3 месеца. Центарот за социјална работа континуирано го следи адаптивниот период, односно го следи сместувањето на детето во семејството на избраните посвоители. По истекот на адаптивниот период, центарот за социјална работа до Комисијата доставува мислење дали детето да се посвои од избраните посвоители. Доколку мислењето на центарот за социјална работа е позитивен, Комисијата свикува седница на која ќе се заснова посвојувањето, како и се донесува решение за засновање на посвојување.

Согласно со законските одредби на Република Македонија, посвојувањето е тајно, заснованото посвојување не може да се раскине и со него настануваат односи како со раѓање.