Најчесто поставувани прашања и одговори за условен паричен надоместок

  

1.Што претставува Условениот паричен надоместок (УПН) за средно образование?

Условениот паричен надоместок за средно образование е програма која ја спроведува Владата на Република Македонија преку Министерството за труд и социјална политика и е наменета за ученици  кои се на средношколска возраст, кои редовно посетуваат настава во средно училиште  и кои се членови на  домаќинства корисници на социјална парична помош (СПП) (деталните информации за условите за добивање УПН се дадени подолу).

2. Кој може да се квалификува за УПН?

Правото на УПН се остварува доколку:

  • Ученикот е од домаќинство кое е корисник на СПП (или корисник чие право на СПП е во мирување)

  • Ученикот не е корисник на детски додаток

  • Ученикот е запишан како редовен ученик во средно училиште

  • Во случај ученикот да бил корисник на УПН претходната учебна година, во наредната учебна година мора да биде запишан за првпат. Тоа значи дека доколку ученикот користел УПН една учебна година, за да се квалификува за УПН следната година, не смее да ја повторува годината.

НАПОМЕНА: Доколку се исполнат горенаведените критериуми, апликантот (носителот на СПП) по поднесување на потребните документи дадени подолу (точка 3) добива Решение за остварување на правото на УПН.  Сепак секоја исплата (четири исплати максимално) е условена со исполнување на критериум за присуство на училиште – ова значи дека за ученикот да добие средства од УПН мора да присуствува на најмалку 85% од реализираните училишни часови  во односното тромесечие (оправданите и неоправданите отсуства подеднакво се бројат како отсуства). Овој процент се однесува на секој мерен период посебно и исплатите се вршат пооделно доколку е исполнет условот за присуство во односното тромесечие , без разлика на процентот на присуство во останатите.

3. Кои се потребните документи за аплицирање за УПН?

Потребни документи за аплицирање за УПН се :

  • Барање за остварување на правото на УПН (барањето се издава од страна на ЦСР)

  • Потврда од училиштето дека детето е запишано како редовен ученик (потврдата се издава од страна на училиштето по барање на лицето/родител-ученик)

4. Каде се поднесуваат документите за УПН? 

Документите за УПН се поднесуваат во центарот за социјална работа каде се води  предметот за социјална парична помош на домаќинството.   

5. Кога е крајниот рок за аплицирање за УПН?

Крајниот рок за аплицирање за УПН е 31-ви март. Но доколку лицето аплицира после 20ти јануари (трет мерен период)  ќе се квалификува за исплата само за последниот мерен период. 

6. До кога е крајниот рок за аплицирање за корисникот да може да се вклучи во првата исплата?

Крајниот рок за аплицирање за да може апликантот да се вклучи во првата исплата е 30-ти септември (ова важи за постоечки корисници на СПП. Доколку домаќинството го оствари правото на СПП во текот на месец септември, тогаш се квалификува за исплата во наредниот мерен период - тромесечие). 

7. Кога новите корисници на СПП (како и постоечките корисници на СПП кои не успеале да се вклучат на време) може да се вклучат во програмата за УПН?

Корисниците кои го оствариле правото на СПП во текот на еден мерен период од училишната година, можат да се вклучат во програмата со тоа што ќе аплицираат во мерниот период во кој го оствариле правото на СПП (или подоцна по нивен избор) но ќе се квалификуваат за исплата од наредниот мерен период.

8. Кога на корисниците на кои им е укинато правото на СПП им престанува правото на УПН?

Корисниците кои го изгубиле правото на СПП во одреден мерен период, ќе може за истиот тој период да добијат исплата за УПН ( доколку имаат најмалку 85% присуство во училиште за тој период), а правото на УПН ќе им престане од наредниот мерен период.

9. Дали за да се квалификуваш за УПН наредната година мора повторно да аплицираш на почетокот на следната учебна година?

Да, бидејќи решението кое корисниците го добиваат има важност од една година и не се продолжува, и постапката за аплицирање се повторува на почетокот на секоја школска година.

10. Што е мерен период?

Мерен период е периодот за кој се пресметува процентот на присуство/редовност во училиште за да се види дали на одреден ученик ќе му следува исплата или не, и не соодветствува со училишно тромесечие.  

Училишната година е поделена на 4 мерни периоди:

  • септември – 31 октомври (прв мерен период)

  • 1 ноември – 31 декември ( втор мерен период)

  • 20 јануари – 31 март (трет мерен период)

  • 1 април – до крајот на учебната година (четврт мерен период).

НАПОМЕНА: Доколку ученикот нема доволен процент присуство за одреден мерен период, нема да му следува исплата само за тој мерен период. Доколку во наредниот мерен период оствари најмалку 85% присуство, ќе добие исплата за тоа тромесечје. 

11. Дали оправданите и неоправданите изостаноци подеднакво се третираат и дали сите се бројат во пресметката за изостаноци?

Бројот на сите изостаноци односно бројот на оправдани (невклучувајќи ги оправданите боледувања) и на неоправдани и вкупниот број на реализирани часови се користи во пресметката на процентот на присуство во училиште.

12. Дали постои можност податоците за присуство по истекот на рокот за внес на податоци од страна на училиштата да се внесат дополнително и на тој начин апликантот/ученикот да се квалификува за исплата за периодот за кој не биле навремено внесени податоците?
 
Доколку изминал рокот за внес на податоци од страна на училиштата, податоците за присуство може да се внесат во наредниот период кога се внесуваат податоци (или во периодот кога се внесуваат податоци за дополнителната исплата) и исплатата за периодот за кој недостасувале податоци ќе се изврши во наредниот период за исплата.

13. Кога  се врши исплата на УПН?

 

 

 По завршувањето на секој мерен период училиштата ги внесуваат податоците за присуство во софтверот преку кој се администрира Условениот паричен надоместок. Потоа центрите за социјална работа ги проверуваат списоците за исплата кои ги генерира софтверот и Единицата за имплементација на УПН ја подготвува исплатата. Поради ова  исплатата не се врши веднаш по завршувањето на дадениот мерен период туку месец и половина по завршувањето на мерниот период со цел да се обработат податоците, односно:

  • првиот мерен период се исплаќа во декември

  • вториот мерен период се исплаќа во февруари

  • третиот мерен период се исплаќа во мај

  • четвртиот мерен период се исплаќа во јули.

14.Колку е вкупниот износ на УПН?

Вкупниот износ на УПН е 12 000 МКД на годишно ниво, а се исплаќа 4 пати во годината, односно по завршувањето на секој од мерните периоди. Секоја исплата е во износ од 3000 МКД.


15. Кој од членовите на домаќинството ја добива исплатата?

Условениот паричен надоместок се исплаќа на мајката на ученикот, освен во случај кога мајката е недостапна за исплата (ако мајката живее во странство, ако мајката е почината и сл.) Во случај кога мајката е недостапна за исплата, УПН се исплаќа на носителот на правото на СПП.

Дополнителни информации може да се добијат на следниов e-mail: igor.pavlovski@mtsp.gov.mk