Меѓународната конференција на тема: „Конвенција на ООН за правата на лица со инвалидност и нејзиното влијание врз националното законодавство и политики“

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски се обрати на Меѓународната конференција на тема: „Конвенција на ООН за правата на лица со инвалидност и нејзиното влијание врз националното законодавство и политики“, во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Главната цел на конференцијата е размена на искуства и добри практики за влијанието на Конвенција на ООН за правата на лица со инвалидност во процесот на унапредување и подобрување на правата на лицата со инвалидност, од перспектива на претставниците од Владата, националните експерти и НВО секторот од државите во регионот.

Во своето обраќање министерката Фросина Ташевска-Ременски стави акцент на потребата од усогласување на термините за лицата со инвалидност во Република Македонија.

“Во Република Македонија се уште не постои унифициран термин за лицата со инвалидност, па согласно со тоа можеме да препознаеме деца со пречки во развојот, деца со посебни потреби, деца со посебни образовни потреби, лица со пречки во физичкиот или психичкиот развој коишто имаат специфични потреби, лица со телесна попреченост,  лица со интелектуална попреченост, лицата со инвалидност, инвалидно лице”, “инвалидска пензија” и “инвалидско осигурување”, инвалидни лица, цивилен инвалид, хендикепирани лица”, потенцираше министерката Ташевска-Ременски.

Беше укажано и на потребата од сеопфатна поддршка од државата, но и подигање на јавната свест дека одговорноста и обрската за остварување на правата на овие лица не е само на државата туку на целокупната јавност и општество.

“Овозможувањето на правата и можностите на лицата со инвалидност е наша заедничка обврска, обврска на државата, на сите граѓани, на општеството. Тоа не смее да биде нечија волја, туку наша единствена заедничка обврска”, рече министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски.

За остварување на оваа цел, потенцираше таа, покрај потпишувањето на потребните документи и изработка на програми и планови, формирана е и работна група во која е вклучен и Националниот сојуз на инвалидски организации и други здруженија на граѓани кои работат на прашања од оваа сфера под мотото „Ништо за нас без нас“.

Исто така, потребен е и нов систем за проценка на децата со пречки во развојот, на којшто веќе почнува да се работи, кој ќе овозможи нивна полесна инклузија. Постојниот, како што рече Ташевкса-Ременски, се уште се заснова на медицинска процена на она што му недостасува на детето.

“Во таа насока почната е постапка за нов модел, со функционална проценка на децата при што ќе се утврди потенцијалот на детето што тоа може да постигне, но и кои се пречките во средината кои оневозможуваат да го реализара целосниот потенцијал”, рече министерката.

Бранимир Јованоски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност, смета дека на овие лица им е потребна и неопходна помош и поддршка од државата и општеството во вистинско време и на вистински начин. 

“Има многу светски понати научници политичари, спортисти актери кои живееле или живеат со некаква инвалидност, кои до перфекција ги усовршиле своите знаење и вештини и кои како јас сакам да кажам оставиле силен впечаток во историјата „За моќта на немоќните“. Тие ова го постигнале со лична заложба и жртвување, но во рамки на поддршката што државните институции им ја овозможиле за нивна непречена едукација, усовршување и делување во сите аспекти на политичкиот и економскиот живот”, рече Јовановски.

На конференцијата се разменија искуства за функционирањето на моделите за заштита на овие лица, за постигнатите резултати во повеќе земји, со цел се изнајдат најдобрите решенија.