Работна средба на д-р Фросина Ташевска Ременски со претставникот на Канцеларијата на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во Република Македонија д-р Бертран Демулан

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска Ременски оствари работна средба со претставникот на Канцеларијата на детскиот фонд на  Обединетите нации (УНИЦЕФ) во Република Македонија д-р Бертран Демулан.

На средбата се зборуваше за напредокот којшто е постигнат на полето на заштитата и промовирањето на правата на децата во рамките на заедничката Програма за соработка во областа на раниот детски развој со Министерството за труд и социјална политика. 

Меѓу темите коишто беа опфатени беше и  можноста за отворање на центри за ран детски развој со што ќе се обезбеди  поддршка на децата од руралните средини и  ќе им се овозможи  да учат почит кон различностите во однос на етничката припадност, култура, религија, род, заштитата од насилство врз децата, за децата со попреченост и нивните способности. Беше нагласена и потребата за заштита на децата бегалци и мигранти на нивниот пат во потрага по посигурен живот во Западна и Северна Европа. 

Исто така, беше нагласена и важноста да се продолжи соработката помеѓу УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика и да продолжат заедничките напори  за намалување на разликите во остварувањето на правата на децата и потребата да се гради поинклузивно општество.

Ташевска-Ременски и Демулан разговара и за вонинституционалните форми на заштита, како што се дневните центри и згрижувачките семејства, родителскиот ресурсен центар којшто им служи на сите деца со посебни потреби и нивните семејства преку обезбедување на поддршка, помош,  пристап до информации. Потоа обезбедување на остварување на нивните права и овластувања во сите сегменти на животот нудејќи помош за успешна социјална инклузија, како и подигање на јавната свест и одговорност.

Соработката која ќе биде насочена кон опфаќање на најзагрозените ќе продолжи со реформи во рамките на Министерството за труд и социјална политика со цел  да се подобри квалитетот на заштита и финансиската помош за семејствата коишто имаат потреба од неа.  

Меѓу другото се зборуваше и за градење на капацитети за мониторинг на детските права во системот на детската и социјалната заштита и воведување насочени реформи кои ќе влијаат позитивно врз најсиромашните и најмаргинализираните деца. 

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска Ременски ги поздрави  напорите коишто Канцеларијата на УНИЦЕФ во Република Македонија ги прави во промовирањето и заштитата на децата со ветување дека ќе ги разгледа начините на практична примена на препораките преку законодавни, административни и процедурални промени во системот за заштита во рамките на Министерството.