Ташевска-Ременски: Запазени се сите процедури во работата на МТСП

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски по денешната Меѓународна конференција за правата на лицата со попреченост одговарајќи на новинарски прашања истакна дека ги отфрла шпекулациите оти невработено лице одговара на прашања на граѓани и дека на Управната инспекција која вчера била во нејзиниот кабинет и дала документи кои, како што рече, одат во прилог на нејзиното тврдење. Во продолжение ви ги пренесуваме прашањата и одговорите.

Како го коментирате ветото од страна на заменик министерот Спасов и вчерашната инспекција од страна на Државниот управен инспекторат?

Ташевска-Ременски: Не сум сигурна дека информацијата која што излезе во медиумите од дополнителниот заменик министер во Труд и социјална политика може да се третира како вето бидејќи станува збор за еден допис до раководителите на сектори и одделенија, во којшто тој изнесува свое видување за правото на министерот да овласти лице кое што ќе биде задолжено за одговор на прашањата на граѓаните кои што стигнуваат на официјалната e-mail адреса на Министерството за труд и социјална политика. Имено, одговорно лице за управување со официјалната веб страница на министерството е Наташа Методијева. Значи, ги отфрлам шпекулациите коишто излегоа во медиумите дека невработено лице одговара на прашања на граѓани, што не е одговор на прашања по управна постапка ако мислите на одговор на жалби и  поплаки на граѓаните. Наташа Методијева е вработена во Министерството за труд и социјална политика и со соодветно правно решение е овластена да управува со официјалната e-mail адреса. По тој повод, по анонимна претставка, од загрижени граѓани коишто изразиле загриженост дека можеби невработено лице е во допир со нивните лични податоци и одлучува во управна постапка, вчера во 14:00 часот во Кабинетот на  министерот беше примена Управна инспекција која што ги доби сите документи кој што одат во прилог на отфрлање на сите обвиненија којшто дојдоа и се проследија до медиумите.

Јас како министер за труд и социјална политика бидејќи наидов на одредени прашања коишто застанале, или утврдив застој во одговор по жалби на одредени прашања од граѓаните, во управна постапка, го искористив моето законско право, но и законска обврска, од управната инспекција да поднесам барање за постапување со цел да се испита зошто во Министерството за труд и социјална политика од февруари месец, 2015 до денес, не е одлучувано по повеќе од 1.400 предмети по жалба за отфрлено право или одземено право за социјална парична помош. Тоа е една добра можност управниот инспекторат да ја покаже брзината во интервирањето по случајот од вчера, да покаже дека е заинтересиран за владеењето на правото и за законитото работење на институциите.

Дали е можно министерот Диме Спасов да не знаел дека според законот вие може да донесете советници во вашиот кабинет и затоа цело време тој обвинуваше дека Мила Царевска е невработена?

Законот за Влада кој што беше усвоен  од Собранието на Република Македонија на 9.11.2015 е прецизен и јасен во членот во што се вели дека избраните министри и дополнителните заменици министри имаат исти права во делот на ангажирање на лица во кабинетот по законот за административни службеници. Во таа насока, право и на министерот Ременски и на дополнителниот заменик министер Спасов е да ангажираат тројца кабинетски советници  од редот на вработените во Министерството  за труд и социјална политика и да примат во својот кабинет, по соодветна постапка, тројца кабинетски советници на Министерот кој што ќе помагаат во одредени области со нивната стручност и докажаност во нивната работа. Мила Царовска е еден од кабинетските советници, ангажманот на дополнителните двајца е во тек. Јас како Министер се уште немам добиено одговор од дополнителниот заменик министер дали ќе го користи правото од законот за ангажман на кабинетски советници во неговиот кабинет и кои би биле тие лица, за да може исто како и за сите останати во министерствата во кој што добија дополнителни заменици министри и министри го добија како право и постапката е во тек.

Има ли опструкции од претходните раководители на министерството од страна на заменик министерот Диме Спасов?

Значи јас ќе ве демантирам тука. Мислам дека од мојот прв контакт со секој вработен во Министерството за труд и социјална политика, генералниот колегиум што го одржавме заедно со раководителите на сектори и раководителите на одделенијата, средбите што ги направивме со замениците и со државниот секретар, ми покажуваат дека во Министерството за труд и социјална политика постојат луѓе професионални коишто си ја познаваат својата работа и се исполнителни во делот на извршувањето на нивните обврски.

Во делот на планот за опструкција, за кој што постојат шпекулации во медиумите, оставам време да покаже дали тоа е навистина некој план, бидејќи јас не го чувствувам во делот на работењето во Министерството, или пак преставува некаква медиумска нарачка или политичка партиска нарачка во делот на правење на информации за да бидеме интересни во јавноста. За се што ќе биде поврзано со прашањето на некакви опструкции од некого од редот на вработените во Министерството за труд и социјална политика, постојат соодветни постапки, можности којшто можат да бидат искористени од страна и на раководителите на сектори и на Министерот и на овластени од него за да може да се поттикне ефикасноста и навременоста во извршување на нивните задачи.

Дали по повикот на дополнителниот заменик министерот Диме Спасов, дали некој од вработените го прифати неговиот повик да не изврши некоја работна задача? И додатно, во тој е-маил стоеше е-малот на Мила Царовска? Затоа што излегоа принт-скринови во јавноста каде во дописот стои дека на тој и тој мејл треба да праќа?

Нема да се впуштам во коментар на принт-скринови од службени e-mail адреси коишто не се предмет на денешниот одговор на прашањето бидејќи е многу јасно дека кабинетските советници и административните службеници во кабинетот имаат овластувања за надзор и контрола на дел од ангажманите што ги добиваат од Министерот за труд и социјална политика, меѓутоа тие се утврдени согласно закон и граѓаните немаат причина зошто да стравуваат дека некое неовластено или невработено лице одлучува за прашања коишто се од нивно барање. Мила Царовска како советник во Кабинетот на Министерот, има право да советува за прашања од областа на социјалната заштита. Почитувани се сите права и обврски коишто се однесуваат во делот на  поднесување на изјава за  доверливост  во делот на заштита на личните податоци на граѓаните и таква изјава за лојалност, односно за доверливост ја имаат потпишано сите овластени лица коишто работа  со предмети и прашања поврзани со граѓаните, а тоа не е Мила Царовска.

Госпоѓа Ременски како поранешен потпретседател на Светскиот Македонски конгрес, дали сте против Рамковниот договор во Македонија?

Прашањето на Рамковниот договор коешто денес се дискутира во јавноста и е прашање на коешто меѓународната заедница, претставници од Владата во Клубот на пратеници отвораат прашања за дискусија во делот на имплементацијата на Рамковниот договор, јас ќе ви одговорам како Министер за труд и социјална политика и како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз, дека Рамковниот договор како мировен договор кој што стави крај на еден вооружен конфликт во Република Македонија е најдоброто првно решение коешто на Република Македонија можеше да и се случи во виорот на една граѓанска војна која што можеше да заврши со голем број на жртви.

Кога Диме Спасов бил запознаен со законските процедури за статусот на Мила Царовска, зошто толку обвинувања за нејзиното вработување или невработеност во Министерството? И дали тоа Вие го зимате како опструкција на Вашата работа?

Јас мислам дека најдобро е овие прашања да му ги поставите на Диме Спасов, да ви даде објаснување што мислел кога го објавил тој допис во медиумите и што мислел кога им се обратил на раководителите на сектори и одделенија. Мислам дека соодветно е да побарате одговор од него.

Од кога е вработена Мила? Колку време има поминато од кога таа е советник во Вашиот кабинет?

Мила Царовска, како и сите останати ангажирани административни службеници во Кабинетот и кабинетски советници, не само во Кабинетот  на Министер за труд и социјална политика, туку и во Кабинетот на дополнителните заменици министри во Финансии, во Земјоделие, во Информатичко општество, во Јавна администрација и во Внатрешни работи, се во фаза на склучување на договор во министерствата во коишто се ангажирани, по соодветна процедура, преку законски утврдени постапки и одобрување од Министерството за финансии.

Значи тие процедури се во тек и прашање на време е кога генерално се решава прашањето на кабинетските службеници на дополнителните заменици министри и на министрите. Официјално уште не е вработен никој кој што е во делот на кабинетските советници во сите министерства кој што ги спомнав.

Сите раководители на сектори, сите на одделенија, вработените навремено и професионално си ги извршуваат сите обврски во дадените рокови по мои барања. Не сум утврдила досега пречекорување на роковите зададени за извршување на одредени обврски, ниту пак имам одбивање на извршување на наредба или задача која што влегува во доменот на  лицата од коишто се бараат одредени информации. Доколку имам ќе ве информирам на време. Но, тоа засега го нема.