Над 10 илјади вработени со мерката за млади до 29 години

"Целта која што сакавме да ја постигнеме е веќе постигната. Над 10.000 отворени работни места значат многу за македонските компании, за младите во Република Македонија. Оваа мерка продолжува да се реализира и во наредните неколку месеци. За околу една година и осум месеци има 10.300 вработени. Тоа се месечно по околу 520 млади лица кои се вработени во приватните компании", изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој додаде дека оваа мерка веќе влијаела и на нејзина надградба, односно на создавање на проектот „Македонија вработува“ од која, како што рече, е дел самата мерка. Верувам, рече Спасов, дека и понатаму компаниите ќе продолжат да ги искористат поволностите кои им е ставен на располагање.

Мерката еден плус еден, е создадена за да се поттикне вработувањето на младите лица до 29 години преку ослободување од плаќање на социјални придонеси и персонален данок во период од 12 месеци за приватните компании, со обврска да го задржи на работа уште 12 месеци. Таа е воведена во март 2014 година со период на важност од две години, односно до март 2016 година.