Наградени најуспешните бизниси отворени со грант за самовработување

Во изминатите години со помош на грант за самовработување што го доделува државата се отворени над 7.600 мали бизниси. Седумдесет проценти од нив се уште активни. Најдобрите од нив во неколку категории беа наградени.  

Најбрзорастечка микро компанија е “Стара Фурна” од Прилеп, чиј основач е Влатко Апостоловски, најуспешна жена претприемач Живка Костадиновска основач на “Аронија здрава храна”, најмлад претприемач е Панче Георгиовски основач на компанијата “Брајт Бокс” и најуспешна компанија регистрирана како занаетчиска е „Студио фешн“ од Струмица, чиј основач е Дана Мицева. Наградени се и 13 најиновативни бизнис планови од програмата за самовработување во 2015 година.

“На ваков начин оддаваме признание на претприемништвото и да неколкуте најуспешни примери во Македонија на компании кои преку програмата за самовработување имаат искористено средства и во изминатите години имаат постигнато голем успех. Тоа е програма преку која во изминатите осум години Владата има доделено над 25 милиони евра на индивидуалци кои се самовработуваат. Тие добиваат по 3 илјади евра за опрема, а оние кои ќе се одлучат да вработат уште едно лице добиваат дополнителни 92 илјади денари”, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

Во изминатите години, истакна, има многу усшешни примери на компании кои преку оваа програма започнале со еден вработен за да денеска имат 30 до 40 вработени.

“На таквите луѓе кои го демонстрираат претприемничкиот дух на македонскиот народ и нација треба да им се оддаде признание бидејќи со тоа се упатува поорака не само до нив, туку до сите млади кои сакаат да отворат сопствен бизнис дека на тој пат во тие соништа не се сами и дека државата ќе им помогне”, изјави Пешевски. 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека изминатите години над 7.600, како што потенцира, храбри и енергични луѓе, мажи и жени, млади и повозрасни, добиле шанса да ја реализираат сопствената бизнис идеја.

“Ќе продолжиме да ја реализираме мерката и да го стимулираме формирањето мали компании кои ќе ја развиваат македонската економија. За следната година планираме за грантови за самовработување за отворање на 920 бизниси или за околу 1.000 вработувања. Средствата кои ќе бидат издвоени се во износ од 207 милиони денари”, рече Спасов.

Има, додаде тој, многу успешни примери во рамки на овој проект и верувам дека вака ќе се потикнат сите невработени лица кои имаат бизнис идеја да ја искористат можноста и шансата која им ја дава државата да ги искористат средствата и да ја реализираат таа идеја.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон истакна дека оваа програма е многу успешна приказна преку која со формирањето на над 7.600 мали бизниси се покажало дека таа е најдобар лек за невработеноста.

“Формирањето мали сопствени бизниси е најдобар начин да се вработат лица кои долго не можеле да најдат работа на пазарот на труд, било да се тоа млади лица, жени, лица со хендикеп. Многу земји бараат добар начин за креирање работни места и пристојна работа. Ние мислиме дека овде во Македонија имаме еден од најдобрите примери да го споделиме со нив”, рече Винтон.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски потенцира дека секој што има добра и разработена идеја ќе има можност да биде успешен претпремач и голем бизнисмен.

“Мерено со 2013 години 70 проценти од компаниите постојат. Дополнителни 15 проценти се вработени на други работни места, а ги затвориле компаниите, тоа значи 85-постотна вработливост на програмата” рече Поповски.

Наградените компании се отворени во периодот од 2007 до 2013 година. Критериумот за успешност за наградувањето е бројот на новоотворени работни места.