Нова современа детска градинка во Карбинци 

Денеска во Карбинци беше пуштена модерна и современа детска градинка чија што изградба беше започната минатата година. Станува збор за капацитет од 50 деца со вкупна инвестиција од околу 14.000.000 денари. Министерството за труд и социјална политика, како што истакна Спасов,  учествувало со целосно опремување на овој  објект.

“Битно е да се напомене дека од денес па натаму Општина Карбинци добива  сопствена градинка, со  сопствена кујна, со сопствен кадар кој понатаму ќе има можност да се надградува. Веќе има побарувања за 70 места, така што верувам дека во наредниот период заедно со градоначалникот ќе бараме начин како да се прошири веќе постоечкиот капацитет со цел да создадеме можност  да се згрижат повеќе дечињa”, рече Спасов.

Инаку, оваа е деветта градинка по ред која што се отвора оваа година, односно досега за десетина месеци создаден е капацитет за 550 дечиња. До крајот на годината, според најавите на министерот Спасов, се очекува да се отворат уште четири детски градинки и со тоа да се зголемат капацитетите за уште 250 или пак 800 дополнителни нови места во детските градинки и со ова да се  заврши овој потфат за 2015  година.

“Напоредно работиме  веќе за следната година,  дел од нив се веќе започнати со изградба, дел од нив треба да започнат или пак да се адаптираат, санираат одредени деловни простории коишто ќе бидат со намена за отворање на нови детски градинки во повеќе од 20 општини, од кој што половината се надвор од Скопје, но свесни сме дека најголемата потреба е во главниот град на државата. Планираме инвестиција на околу 12 нови објекти коишто ќе бидат со намена за детски градинки во повеќе општини во Скопје, во Општина Центар околу 3 објекти, во Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Ѓорче Петров, Гази Баба и секаде онаму каде што има потреба или за 2016 година со овие 22 објекти да се создадат нови 2.000 места за деца”, потенцираше Спасов.

Приоритет и понатаму останува зголемување на капацитетите на  детските градинки и изминатиот период отворени се  над 40 детски градинки и 25 приватни детски градинки што е значително зголемување на постоечките капацитети на опфатот на деца од предучилишна возраст.