Се реконструираат 42 објекти во рамки на МТСП

Во рамки на проектот „Договори за работа како поддршка за процесот за унапредување на активностите и услугите на Агенцијата за вработување на Република Македонија“ финансиран од ИПА програмата на Европската Унија, во Виница министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на агенцијата за вработување  Влатко Поповски и преставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Мауро Ди Вероли направија обиколка на Центарот за вработување кој се реновира и на Центарот за дневен престој на децата.  

“Со средства од ИПА програмата на Европска Унија го промовираме почетокот на третата фаза од целосната реконструкција на центрите за вработување и за социјална работа во Македонија. Преку овој проект со финансиски средства од 2 милиони евра ќе бидат реновирани 42 објекти кои се под Министерство за труд и соцјална политика, од кои 18 центри за социјална работа,12 дневни центри и 12 центри за вработување”, рече Спасов.

Овие центри, посочи тој,  се постари од 40 години и тие требаше што поскоро да бидат реновирани за да пружат услуги по европски стандаради. Планирано е во 2016 година, информира, центрите целосно да бидат завршени и предадени во уопотреба.

“Во источна Македонија ќе се реновираат центрите за вработување во Делчево,Виница и Кочани”, информираше Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека во Македонија со овој проект ќе се реновираат 12 центри,  како и Центарот за вработување во Кратово за кој средства се обезбедени од други извори.

“Наредната 2016 година почнуваме со нов оперативен план за вработување за сите предложени мерки во соработка со Владата на Република Македонија. Инаку, најмногу интерес има за мерките за самовработување, за субвенционирање при врабортувањето, како и за практиканство”, потенцираше  Поповски.

Раководителот на Центарот за вработување од Виница Орце Христовски, истакна дека на списокот во Виница има 710 невработени лица. Преку проектот „Македонија вработува“ досега во Виница се вработени 68 лица, со самовработување потпишани 10 договори, а по пат на субвенционирање при вработувањето 13 лица.