Во Кочани отворен Дневен центар за деца со попреченост

Дневен центар за деца со попреченост беше отворен денеска во Кочани со заеднички средства на општината Кочани и Министерството за труд и социјална политика. Во Центарот ќе бидат згрижени 25 деца.

"Просториите за  отварање  дневен центар за деца со пречки во развојот ги обезбеди општина Кочани, а опремувањето го изврши Министерството за труд и социјална политика. Ваков центар беше повеќе од потребен, бидејки децата со пречки во развојот беа носени во соодветен центар во Виница", истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на отворањето на дневниот центар во Кочани. 

За адаптација и опремување во просториите на Центарот во рамки на на детската градинка клон 4 се инвестирани 1,5 милиони денари.

Спасов најави дека Министерството прави напори и за отворање дневни центри за деца со аутизам. Ваков центар наскоро ке биде отворен во Битола, а потоа и во  Охрид.

Министерот за труд и социјална политика во рамки на посетата на Кочани изврши увид во активностите за изградба на детска градинка во изградба во населбата Оризари која се очекува да биде готова за два месеци и во неа да бидат згрижени 50 дечиња од Оризари и Прибачево. За адаптацијата на просторот и оптремувањето, општината и Министерството ќе инвестираат 3,5 милиони денари .

Тој ги најави и инвестициите во изградба на детски градинки во источна Македонија во општинитие Чешиново - Облешево, Зрновци, Делчево, Пробиштип и Штип.  

Во просториите на Здружението на пензионери во Кочани министерот Спасов присуствуваше на презентацијата на изработената проектна документација  за изградба на регионален дом за стари лица.

"Се работи за модерен, енергетски ефикасен проект и ние како министерство ќе дадеме максимална поддршка и на општината и на здружението на пензионери за наоѓање стратешки партнер за негова изградба", рече Спасов.  

Градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски најави распишување јавен повик за изнаоѓање приватен инвеститор за да може на локацијата кај старата воена касарна на позвршина од 8.000 метри квардатни по пат на јавно приватно партнерство да се изгради регионалниот дом за стари лица со капацитет од 150 легла.

На новинарско прашање, како се реализира акцијата на Владата со проектот „Македонија вработув“, министерот Спасов истакна дека вработувањето по овој основ ја надмина бројката од 7.000 вработени на ниво на Република Македонија. Во општина Кочани преку овој проект во изминативе пет месеци се вработени 439 невработени лица.