Изгледот на реформираниот пензиски систем

Со Законот за ПИО од 2000 година беше воспоставена легислативната рамка за новиот, трослоен пензиски систем во Република Македонија. Неговиот опфат го чинат трите столба:
Прв столб е задолжителниот државен пензиски фонд (Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија), кој и во иднина ќе продолжи да функционира според принципот на генерациска солидарност. Во него ќе се уплаќаат придонесите од бруто платите на осигурениците ќе се користат за исплата на пензиите на сегашните, но и на идните пензионери според следната шема:

  • Осигурениците кои нема да пристапат во вториот столб ќе продолжат да уплаќаат 18% од бруто платите во првиот столб
  • Оигурениците кои ќе пристапат во вториот столб од пензискиот систем во првиот столб (државниот пензиски фонд) ќе уплаќаат 18% од нивната бруто плата, од кои 12% се уплаќаат во првиот столб, додека 6% во вториот столб„.

Вториот столб ќе го претставуваат задолжителните приватни пензиски фондови, од кои секој осигуреник ќе може да избере само еден. Во приватните пензиски фондови задолжително ќе се уплаќа дел од придонесот (7%) на сите лица вработени по 1 јануари 2003 година, додека за останатите вработени изборот за вклучување во вториот столб е на доброволна основа. 

Средствата вложени во вториот столб (средства на приватните пензиски фондови) ќе се инвестираат според строго утврдени законски прописи кои обезбедуваат највисок степен на заштита на осигурениците и на нивните средства. Управувањето со средствата на приватните пензиски фондови ќе биде доверено на друштва за управување со овие фондови, чиј избор ќе биде извршен по пат на меѓународен јавен тендер и според строги критериуми за оценка на нивниот бонитет. Во првите десет години од реформата во Република Македонија ќе оперираат два приватни пензиски фондови.  

Секој член на приватните пензиски фондови ќе има сопствена (индивидуална) сметка на која ќе се уплаќаат средствата од неговиот придонес. Придонесот за пензиско осигурување издвоен од бруто платата, заедно со приносот од инвестирањето на тие средства, му припаѓаат на осигуреникот (членот на приватниот пензиски фонд) и претставуваат основа за формирање на износот на неговата пензија. За состојбата на нивните индивидуални сметки, членовите на приватните пензиски фондови постојано ќе бидат информирани.  

Третиот столб ќе го претставуваат приватните пензиски фондови во кои секој осигуреник може да членува според својот доброволен избор. Тоа значи дека во третиот столб ќе можат да членуваат и оние граѓани кои нема да бидат вклучени во новиот пензиски систем. Овој столб на пензискиот систем ќе нуди можност за остварување на повисока пензија на оние осигуреници кои доброволно ќе одлучат да издвојуваат дополнителни средства од своите приходи.