Зошто реформа на пензискиот систем?

 Во последните пет децении во Република Македонија се применува пензиски систем заснован на принципот на генерациска солидарност. Тоа е систем кој се финансира тековно, што значи дека актуелно вработените осигуреници издвојуваат пензиски придонес од своите тековни примања, со кој се исплаќаат пензиите на актуелните пензионери.

Подолгорочна солвентност на ваков вид пензиски системи може да се обезбеди само во услови на сигурен и одржлив економски раст, услови во кои, истовремено, односот меѓу бројот на пензионерите и бројот на осигурениците се движи околу нивото на, условно кажано, некаков оптимум. Значаен фактор во анализата на долгорочната солвентност на овој вид пензиски системи претставува и феноменот на стареењето на населението, кое, од своја страна, е резултат на постојаното намалување на стапката на морталитетот и е карактеристично како за развиените западни економии, така и за земјите во транзиција. Подобрувањето на општиот квалитет на живот во изминатите три децении придонесе очекуваната просечна должина на животот значително да се зголеми, и тоа поизразено кај женската популација (кај машката популација, и покрај почетниот позитивен тренд, таа почна да стагнира). Овој факт имплицира дека во определена (подолгорочна) иднина бројот на корисници на пензија ќе се зголемува, односно дека корисниците на пензии своите права ќе ги остваруваат во подолг временски период.

Република Македонија е една од земјите со мошне трауматичен пат низ транзицијата кон пазарно стопанство, во која пензискиот систем забележа тешки контракции како резултат на општиот пад на економијата. Транзиционата економска криза ги потенцираше постојните „празнини” на пензискиот систем, &  се закани на финансиската одржливост на системот, го зголеми степенот на редистрибуција и придонесе за слабеење на врската меѓу височината на придонесите и идните износи на пензиите. Тоа, постапно, доведе до опаѓање на довербата на осигурениците во врска со сигурноста на пензиите што еден ден треба да им бидат исплатувани, а стимулираше и омасовување на појавата на евазија на плаќањата на пензискиот придонес или затајување на реалните плати на осигурениците. Од друга страна, големиот број предвремено пензионирани лица, како и растечкиот број на невработени во последната деценија, уште повеќе го изострија прашањето на одржливост на пензискиот систем заснован на принципот на генерациска солидарност. Односот меѓу бројот на пензионерите и бројот на осигурениците станува сe  понеповолен, а исплатата на идните пензии се доведува во прашање.