Врз основа на уставните определби за социјално осигурување произлегуваат и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како основни права на граѓаните.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско осигурување на работниците во  работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување. 

Со пензиското и инвалидското осигурување, врз основа на начелото на социјална праведност и солидарност, се обезбедува материјална и социјална сигурност во случај на настапување на старост, инвалидност и смрт на осигуреникот, односно корисникот на пензија и на членовите на семејството на осигуреникот (во случај на смрт на осигуреникот).

Со овој закон се утврдуваат основите и условите под кои осигуреникот остварува право на инвалидска пензија.

 

Права кои произлегуваат од пензиското и инвалидското осигурување се:

  • Право на старосна пензија;
  • Право на инвалидска пензија;
  • Право на  професионална рехабилитација; 
  • Право на семејна пензија;
  • Право на паричен надоместок за телесно оштетување;
  • Право на најнизок износ на пензија.


Правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од должината и обемот на вложувањата на средства за пензиското и инвалидското осигурување.

Со пензиските реформи се воведува тростолбен пензиски систем.

Системот на пензиското и инвалидското осигурување е составен од:

  • задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб);
  • задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб);
  • доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).

Правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. 

Министерството за труд и социјална политика е креатор на социјалната политика и обезбедува законитост во работењето на институциите во кои се остваруваат правата за социјално осигурување, односно пензиско и инвалидско осигурување.