Државниот секретар Хусејин на конференција за “Социјално претприемништво како пат до вработување на лицата со хендикеп“

Државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин се обрати на конференцијата на тема:“Социјално претприемништво како пат до вработување на лицата со хендикеп“ при што рече дека Министерството за труд и социјална политика особено става акцент на  грижата за ранливите групи и социјално исклучените лица преку социјалната заштита согласно со начелото на социјална праведност, гарантираното право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани, во која насока се обезбедува посебна заштита за инвалидните лица и услови за нивното вклучување во општествениот живот.На овие принципи всушност е воспоставен и системот на социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

“Заштитата, помошта и поддршката на ранливите групи не се исцрпува само и единствено низ облиците на социјална заштита, туку таа подразбира и вклучување на сите засегнати страни  во поглед на унапредување и развој на формите и видовите на заштита и интегрирање во заедницата. Имено, социјалното претприемништво претставува модел на користење на претприемничкото однесување за општествено-корисни, а не за профитни цели, односно со други зборови, добивката или генерираниот профит се користи за доброто на одделни социјално исклучени или обесправени општествени групи, создавање на иновации, заштита на животната средина или за унапредување на определени општествени состојби”, рече Хусејин. 

Тој изрази задоволство што се зголемува бројот на примери на социјални претпријатија во Македонија со цел за интеграција на пазарот на труд на социјално исклучените лица.  

Потенцираше дека за постигнување на овие цели, Министерството за  труд и социјална политика пристапи кон вградување на концептот на социјалното претприемништво во националната легислатива и дека се подготвува нов Закон за социјално претприемништво, процес во кој се вклучени сите засегнати страни, со што ќе се обезбеди целосна партиципативност и транспарентност при донесување на оваа регулатива.