Ибрахими и Коневски најавија изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски најавија изградба на нова детска градинка во рамки на градинката „Буба Мара“ во населбата Ново Лисиче со капацитет за згрижување на повеќе од 250 деца. 

Новиот објект ќе има приземје и еден кат со вкупна површина од околу 1.200 квадратни метри. Во рамки на приземјето се предвидени четири занимални за деца од две до четири годишна возраст. На катот предвидени се две занимални, односно јасли за деца до две години, како и две занимални кои можат да ја менуваат својата функција за возраста на децата зависно од потребата. Објектот на двата ката ќе има сопствени санитарни јазли и кујни, како и канцеларии и гардероби.

“Ова е 66-та градинка во Република Македонија со предвиден капацитет за згрижување од околу 250 деца, бројка со која ќе стигнеме до  околку 39 илјади места, односно згрижени деца во градинки. Истовремено, имаме зголемување на процентот на опфат на децата од 0 до 6 години  од тековните 27 % на околу 28 % и од 0 до 3 години преку 40 % зголемување на опфатот. Ги поттикнувам Општините на овој начин самоиницијативно и со сопствени средства да креираат и да создаваат капацитети за сместување во градинките”, изјави министерот за труд и социјлна политика Ибрахим Ибрахими.

Општина Аеродром го објави тендерот за изработка на проект за изградба на новата детска градинка, чијшто  објектот ќе биде енергетски ефикасен, а материјалите за изградба ќе бидат еколошки прифатливи.