Ибрахими на Форум на тема “Работата во иднина”


Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими се обрати на форумот “Работата во иднина”, на кој се дискутираше за тоа како да се озбезбеди отворање на нови работни места, на пристојна работа во контекст на развојот на технологиите, но и во контекст на климатските и демографските промени, а беше во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ).  

Министерот Ибрахими, во своето обраќање рече дека сите општествени чинители треба да разговараат и разменат мислења и да дадат одговори дали Македонија може да постигне „целосно вработување“ во контекст на сегашните и идните технолошки промени, кои се предизвиците, кои политики може да бидат од помош за реализирање на една ваква идеја и дали стандардните работни односи може да се справат со моменталните економски и социјални предизвици. Треба да се направат проекции, рече, какво влијание ќе имаат промените во организирањето на работата и работните односи и како може социјалниот дијалог да има клучна улога при поддршката на остварувањето на овие цели.

“Токму затоа, Економско социјалниот совет ќе продолжи да работи на прашањата поврзани со развојот на македонската економија и создавањето на пристојни работни места. Се надевам дека и денешните дискусии ќе придонесат кон создавањето на ефикасен македонски модел за одговор на предизвиците кои ги носи иднината”, рече министерот.

 

 

Додаде дека и Република Македонија се соочува со голем дел од предизвиците за кои ќе се дискутира на денешниот настан: технолошки промени, губење и создавање на работни места, нови видови работни односи, соочување со несигурноста на работата, заштита на трудот, справување со нееднаквоста и создавање на инклузивен раст, но оти се прави се тие предизвици да се надминат. Притоа посочи дека во изминатите неколку години, во услови на нестабилно меѓународно економско опкружување, Македонија успеа да ја зачува макроекономската стабилност. Просечниот годишен економски раст во периодот од 2009 до 2014 година, рече, изнесува 1,9 проценти, кој е меѓу најсилните во Југоисточна Европа. Со политиките на вработување, потенцира тој, намалена е и невработеноста од 39 на околу 23 проценти.

“Од 2007 година наваму Република Македонија применува модерен систем на планирање и имплементација на активни мерки на пазарот на труд. Истите вклучуваат услуги за невработените лица, обуки, политики за креирање на работни места, работни клубови, практикантство итн. Дизајнот и таргетирањето на активните мерки на пазарот на труд постојано се подобрува заради зголемување на нивната ефективност. Истовремено, мерките со текот на годините се диверзифицираа за да одговорат на различните потреби на ранливите групи на невработени и на работодавачите. Планирањето на активните мерки на пазарот на труд се остварува преку годишни оперативни планови. Новите мерки најчесто се воведуваат, прво како пилот мерки, а потоа, согласно со резултатите се прошируваат”, потенцираше министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими. 

Директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози во своето обраќање потенцираше дека сите чинители на национално ниво треба да се вклучат во дискусија за тоа кои ќе бидат двигателите на промените во светот на работата во идниот период.

“Ние сметаме дека тие ќе бидат технолошките промени, климатските промени, но и демографските промени во општествата. Покрај ова треба да се фокусираме и на прашањето за улогата на работата во општеството, која не е само средство луѓето да заработат, туку таа има и други аспекти како да овозможи социјализација на луѓето, да обезбеди чувство на лична исполнетост и дека човекот е корисен и придонесува за општеството”, рече тој.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров истакна дека не само денеска, туку и во иднина, ќе се дебатира на прашањето на работата во иднина, a дека темата е значајна, според претседателот на ССМ Живко Митровски, покажуваат и податоците според кои од вкупниот број вработени 60 проценти работат на формални работни места, а останатите имаат нестандардни работни односи.