Ибрахими: “Парична помош и сместување за Костадин ќе обезбеди Министерството за труд и социјална политика”

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими ги посети Дејан и Костадин Костовски во нивниот скромен дом со цел да им се помогне бидејќи во моментов семејството се наоѓа во социјален ризик. 

Министерството за труд и социјална политика уште од самиот почеток по објавувањето на сторијата во медиумите испрати тим на Центарот за социјална работа од Карпош. 

Имено, 22 годишниот Дејан секојдневно води битка за себе и за неговиот неподвижен татко кој претрпел четири мозочни удари, а состојбата дополнително му се влошила откако го скршил и колкот. Костадин има потреба од 24 часовна нега од надлежна институција. Тој е корисник на инвалидска пензија што во моментов е недоволна за да ги покрие сите нивни трошоци. Целокупната грижа околу Костадин засега е на товар на неговиот син Дејан кој,пак, заради тоа не може да работи. 

Министерот Ибрахими при посетата поразговара со Дејан и договорија конкретни чекори со цел да му се помогне. 

“Екипи од ЦСР Карпош веднаш беа на лице место и сакавме на тивок начин без медиумска помпа да го решиме проблемот бидејќи најважно ни беше да му помогнеме на семејството Костовски. Сепак поради медиумското значење коешто го доби случајов одлучивме, еве вака и јас лично, како министер за труд и социјална политика да го посетам семејството и да ја информираме јавноста што преземаме. Имено, во моментов вложуваме напори татко му на Дејан да биде сместен во Геронтолошкиот завод и ние како Министерство ќе им доделиме еднократна парична помош во висина од 20.000 денари што ќе биде доволно да ги покриеме трошоците за првиот месец за неговиот престој, како и за вториот и третиот месец до моментот додека не бидат поднесени документите и обезбеден надоместокот за помош и нега од трето лице со што заедно со пензијата во целост ќе се покријат трошоците за престој во установата. Ние и натаму ќе бидеме во контакт со семејството и ќе ја следиме ситуацијата во наредниот период и доколку се укаже потреба ќе реагираме”, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими по денешната посета на семејството Костовски.