Ибрахими: “Посветивме големо внимание на потребата од зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст”

Министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими на воведното обраќање на Конференцијата за “Актуелните состојби во предучилишното воспитание и образование и приоритетите на новата сеопфатна Стратегија за образованието”, потенцираше дека периодот од раѓање на детето до поаѓање на училиште (од 0-6 год.) се смета за исклучително важен период за секое дете.

Покрај семејството, пак, кое што е основната средина во која треба да се обезбедат оптимални услови за правилен раст и развој на детето истиот мора да биде надополнет со квалитетно воспитание за правилен ран детски развој.

“Токму затоа, во изминативе години посветивме големо внимание на потребата од зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст, односно отворање на нови установи за згрижување и воспитание на децата. Потребата од нови градинки се зголеми со процесот на намалување на невработеноста, па така се повеќе семејства каде што и двата родитела имаат работа имаат и потреба детето да го згрижат во градинка”, рече министерот за труд и социјлна политика Ибрахим Ибрахими.

Ова беше причината Владата на Република Македонија целосно да се посвети на квалитетен Ран детски развој, а Министерството за труд и социјална политика како надлежно започна со голема реформа во оваа област, која е насочена кон обезбедување на универзален пристап на квалитететен ран детски развој за сите деца во земјата.

                “Доказ на оваа наша посветеност е опфатот на деца од 0 до 6 години во предучилишните установи (градинки) кој во 2006-тата година изнесува само 9% од вкупниот број на деца, а веќе во 2016-та е зголемен и изнесува 26%, односно имаме речиси трикратно зголемување на опфатот на деца. Опфатот на деца, пак,  од 3 до 6 години до 2006-тата година изнесуваше само 12%, а според последните податоци изнесува 40%, што е и повеќе од трипати зголемување за овој период од 10 години.      Како резултат на нашите заложби само во последните 8 години се отворени 13 јавни општински установи-детски градинки, 4 јавни установи-центри за ран детски развој, 22 објекти на детски градинки, 24 објекти за центри за ран детски развој и 23 групи во други просторни услови коишто работат како градинки и ја имаат истата функција, или севкупно се отворија 86 објекти за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст”, потенцираше министет Ибрахими.

                Дополнително за прв пат се развива и приватната иницијатива, односно се помага и поттикнува отворањето на приватни градинки.

                Па така, МТСП инсвеститорите ги поттикнува со пакет поволности за изградба на приватни детски градинки и тоа: продажба на градежно земјиште по цена почетна од 1 евро за м2, намалување на цената на комуналните такси за градба на градинки за 95%, кредитирање преку Македонската банка за поддршка на развој, Агенцијата за поттикнување на претприемништво и Агенцијата за вработување на Македонија.

                Почнувајќи од 2016-та година преку Агенцијата за вработување отпочнавме со нова мерка-доделување на неповратни средства, грантови за набавка на основни средства и опрема за физички и правни лица, кои ќе сакаат да отворат приватни установи за деца-детски градинки во висина од 600.000 денари, односно грант од 10 илјади евра за секој кој ќе отвори приватна детска градинка.