Лицата во социјален ризик ќе добиваат оброк преку нов иновативeн модел “Сите сити”

Бездомниците коишто преноќуваат во прифатниот пункт Момин Поток во Скопје денеска добија оброк преку најдобро рангираното иновативно решение за искористување на вишоците храна избрано на јавниот повик „Предизвик за иновативно решение за обезбедување #ОброкЗаСите” на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Со иновативниот модел “Сите сити“ по неколку пати во неделаtа оброк ќе добиваат 3 различни категории на граѓани: лица кои имаат, или немаат можност за самостојна подготовка на храна и лица во социјален ризик, стари и изнемоштени лица, а храната ќе ја подготвуваат лица со попреченост.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, најави дека со предложениот модел ќе се обезбедува храна за 3-4 пати повеќе граѓани отколку до сега, а „Сите сите“ и „Ајде Македонија“ е еден од начините преку кој ќе се развива социјалното претприемаштво коешто ќе нуди различни услуги за најаранливите категории граѓани.

„На овој начин преку вложување средства и искрена енергија се поттикнуваат позитивни промени во општеството. Министерството за труд и социјална политика подготвува Стратегија за создавање на социјално претприемништво како еко систем за развој на социјалните претпријатија во Македонија. Овие претпријатија ќе бидат од голема помош за државата, бидејќи ќе нудат социјални услуги на кои ќе биде купувач самата државата, но истовремено и ќе имаат обврска да вработуваат ранлива категорија лица со што ќе допринесат за процесот на инклузија на различните во општеството“, рече Царовска.

Директорот на Фонодт за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски рече дека социјалните иновации се тренд што го воведуваме во Македонија.

„Со проектот Оброк за сите ќе овозможиме креирање на нов систем за помош за оние наши сограѓани кои имаат реална потреба. Новиот систем ќе се заснова на поефикасно искористување на сите вишоци храна што во моментот, за жал завршуваат на отпад. Во Македонија 30% од храната се фрла што ја става на високото осмо место во светот на земји кои фрлаат храна според бројот на жители. Во периодот што следи, Фондот ќе реализира повеќе други иницијативи во делот на социјалните иновации “, изјави Деспотовски.

Иновативниот модел освен достава на храна предвидува и кампања за подигнување на свеста на компаниите и граѓаните, креирање на прирачник за безбедна употреба на вишоците на храна, но и воведување на иновативна веб платформа која ќе ги поврзува бизнисите и граѓанските организации. Меѓу другото, вишоците на храна ќе се објавуваат на веб платформата и истите ќе може навремено да се превземана од граѓанските организации, со планирање на количини, лица и време на подигнување на храната.

Решението го изготвија неколку непрофитни организации предводени од „Ајде Македонија!“ и нивните партнери, националниот Црвен Крст на Р.М., Здружението за испитување материјали и развој на нови технологии АД (ЗИМ) и Дама-Л“ кое работи со лица со попреченост со што се поттикнува и развојот на социјалното претприемништво во Македонија преку инклузија на лицата со посебни потребни.

Иновативниот модел чија вкупна вредност изнесува околу 2 милони денари и оваа година ќе се пилотира на подрачјето на Куманово, Прилеп и Скопје, а планот е понатаму да стане системско решение низ цела Македонија.