Министерот Ибрахими го посети првото родено дете

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, заедно со министерот за здравство Никола Тодоров и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски го посетија првото родено бебе во Скопје во 2017 година.

Првото бебе е машко и е првородено дете на мајката Нуредини Рамадан Хикмет. При посетата министерот Ибрахими информираше дека Министерството за труд и социјална политика ќе и додели паричен надомест за првородено дете и златник.

“Министерството за труд и социјална политика, покрај оној паричен надомест кој следува за првородено дете, ќе им подари и златник, кој секоја година го доделуваме. На семејството му посакувам детето да расте безгрижно и да има среќно детство”, рече Ибрахими. 

Исто така, министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими ја искористи можноста на сите граѓани да им посака здравје, среќа и бериќет. 

И министерот Тодоров на сите граѓани на Република Македонија им ја честита Новата 2017 година и им посака многу здравје, успех и среќа. Тој на бебето му подари пригодни подароци и му посака добро здравје него и на неговото семејство.

Градоначалникот Трајановски на семејството Рамадан му ја честиташе приновата, а на бебето му подари штедна книшка со 20.000 денари.