Младите успешно се вработуваат, оперативниот план се реализираше за шест месеци со буџет двојно поголем од 2016 година

Десетина мерки и програми од оперативниот план за вработување се речиси 100 процентно реализирани, заклучно со минатата недела. Пилот програмата Младинска гаранција, пак се покажа како исклучително ефикасна. Постојано се зголемуваат и парите наменети за оперативниот план. Годинава буџетот за вработување е за 100 милиони денари поголем од лани и изнесува 987,5 милиони денари, односно е речиси двојно поголем од 2016 година кога за истата намена претходната власт издвои 552,6 милиони денари.

Ова го соопштија министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, на денешната заедничка прес конференција посветена на досегашната реализација на оперативниот план за вработување и на Гаранцијата за млади.

„Овие мерки даваат резултати, трендовите се позитивни и со тоа очекуваме позитивно да влијаат на невработенoста, особено кај младите во Македонија.Трендот на зголемување на буџетот за оперативниот план ќе продолжи и во следните години, а по завршувањето на пилот програмата Гаранција за младите, Владата ќе направи темелна анализа за тоа колку пари ќе се издвојат за идната година“, рече Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, рече дека една од програмите за која има најголем интерес кај невработени лица е програмата за самовработување. Со неа годинава се опфатени 1.176 лица.

„За оваа програма за учество аплицираа 2.184 невработени лица, а 1.521 од нив успешно ги завршија обуките за развој на претприемаштвото и развој на бизнис план. Во 2018 година беа креирани 920 бизнис планови, од кои 361 се веќе селектирани за регистрација на фирми“, рече Јовановска.

Во изминатите 5 месеци од имплементација, во Гаранција за млади бea вклучени 1.979 млади лица до 29 години. Од нив 586 веќе се вработиле, 705 се вклучени во некоја обука или пракса, а 952 лица се вклучени во услугата за посредување при вработување.

Владата продолжува посветено да работи на намалување на невработеноста. Досега со мерките за вработување се опфатени 4.023 лица од планираните 6.410. Се очекува до крајот на годината овој тренд на реализација да се задржи, со што една од нашите цели за оваа година ќе биде успешно реализирана.