Моделот  на социјалните договори ќе овозможи иновативен пристап за подобрување на квалитетот на испораката на социјални услуги

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими се обрати на Националната конференција организирана во рамки на проектот „Преку социјални договори до одржливост” при што потенцираше дека приоритет на Министерството за труд и социјална политика е подобрување на социјалните услуги кон граѓаните согласно со нивните потреби и во таа насока секое воведување на нови начини и форми на доближување на социјалните услуги до граѓаните се добредојдени.

Имено, Министерството за труд и социјална политика изминативе години постојано работеше на унапредување на законодавството, како во сферата на социјалната политика, така и во сферата на заштитата на децата во ризик.

Министерот за труд и социјална политика потенцираше дека:

”Системот за социјална заштита е сложена област која се регулира со повеќе закони и подзаконски акти и многу пати во имплементацијата на овој сложен систем наидуваме на пречки кои се пред се изразени во практичната примена и тоа најчесто поради недостиг на човечки и институционални капацитети. Но, тука голема помош имаме од граѓанските организации кои вршат значителни активности во овие сфери пред се во сферата на работа со деца во ризик, преку основање на дневни центри, едукативни центри, советодавни центри итн. Ваква можност за соработка нуди и Законот за социјална заштита кој им овозможува на здруженијата на граѓани и поединците да се вклучат во давањето на социјални услуги”.  

Сепак, ова не значи дека Владата нема доволен капацитет да ја обезбеди испораката на социјалните услуги, туку дека со склучувањето социјални договори, може да се концентрира на своите клучни функции - креирање политики, поставување стандарди за услугите, мониторинг на квалитетот на услугите, контрола на трошењето на буџетот...

“Моделот  на социјалните договори ќе овозможи иновативен пристап за подобрување на квалитетот на испораката на социјални услуги, со вклучување на граѓанските организации и проширување на опфатот на социјалните услуги за маргинализирани групи”, подвлече министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Како пример ја посочи работата на СОС “Детско селo” Македонија, како и згрижувачките семејства за деца без родители и родителска грижа, што е доказ за успешноста на таквата соработка. Ова е модел кој успешно се реализира и ќе се унапредува и во наредниот период, но ќе се работи и на зголемување на ваквите позитивни примери.

Министерството за труд и социјална политика и Приватната установа за сместување на деца и младинци без родители и родителска грижа СОС “Детско село” Скопје, во таа насока потпишаа и Меморандум за соработка, за згрижување  на  деца без родители и родителска грижа во згрижувачки семејства, со кој 12 СОС семејства беа трансформирани во згрижувачки семејства со поддршка на Министерството за труд и социјална политика.

Исто така, Министерството воспостави соработка со СОС “Детско село” Скопје за згрижување на деца и млади на 14 годишна возраст преку формата организирано живеење со поддршка, со која се обезбеди грижа за 28 корисници кои се сместени во 4 станбени единици  на СОС “Детско Село” Скопје.  

Покрај министерот за труд и социјална политика, воведни обраќања на конференцијата имаа и Лукас Голуб–Раководител на политичкиот и информативен дел во Делегацијата на Европска Унија во РМ, Г-а Јулијана Гапо, Национална директорка на СОС “Детско Село” Македонија и Г-а Елспет Ерискон, Заменик претставник на канцеларијата на УНИЦЕФ во Република Македонија. 

Националната конференција се организира во рамки на проектот „Преку социјални договори до одржливост”, финансиран од Европската Унија и имплементиран од СОС ЌДетско село” Македонија и е фокусиран на создавање на поволна правна средина за социјални договори во областа на заштита на децата и пружање на социјални услуги, која ќе придонесе кон обезбедување на долгорочна одржливост за граѓанските организации.