МТСП:Со социјалната реформа не се кратат, туку се унапредуваат правата на лицата со попреченост

Министерството за труд и социјална политика најостро ги деменатира невистините изнесени во денешната изјава од „Хендикеп плус“,  дека со предложениот закон за социјална заштита се кратат правата на лицата со попреченост. Напротив, со новата законска регулатива се унапредуваат правата и тоа преку неколку основни начела:

Член 15 – начело на еднаков третман и недискриминација

Член 17 – начелото на партиципативност;

Член 18 – начело на индивидуализација;

Член 22 – начело на најдобар интерес

Со социјалната реформа се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост - Лична асистенција и услугата Домашна нега. Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечна нето плата.

Како поддршка на биолошките семејства кои имаат деца со попреченост,  се зголемува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15%. Воедно се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж. Исто така, се развива и услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Закон за социјална заштита. 

Владата на Република Северна Македонија изминатата година ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформана системот за социјална заштита. Веќе се направени првите чекори за воспоставување индивидуализирани социјални услугиво заедницата - за првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од Буџетот на МТСП.  По завршувањето на подготовките, вклучувајќи обука на идните персонални асистенти вкупно 69 лица во 7 општини добија можност да ја користат услугата лична асистенција. За  оваа година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга, вклучувајќи ги лицата со интелектуална попреченост. Ова е доказ дека оваа Влада во целост ги има во предвид одредбите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги коишто во минатото не постоеле.

Уште еднаш, МТСП најостро ги демантира тврдењата дека со новиот Закон за социјална заштита се кратат прават за лицата со попреченост. Напротив, за разлика од досегашната практика со која само се трансферираа финансиски средства до крајните корисници без притоа да добијат соодветна услуга, со сите овие новини се става акцент на развојот на услугите кои ќе ја подобрат поддршката и негата, но и ќе ја зголемат независноста на лицата со попреченост и нивната вклученост во општеството.